УСАИД со дополнителни 330.000 долари за помош на ранливите групи граѓани

УСАИД со дополнителни 330.000 долари за помош на ранливите групи граѓани

Агенцијата на САД за меѓународен развој, УСАИД, додели дополнителни 330.000  долари за справување со Ковид-19 во земјава, преку грант за Црвениот крст на Македонија. Грантот е дополнување на помошта од 1,1 милион долари од владата на САД, веќе доделени на нашата држава, за намалување на ширењето на корона вирусот.

„Со овој грант ќе им се помогне на најранливите заедници во општеството чиј секојдневен живот е крајно загрозен од вирусот, вклучувајќи ги старите лица, лицата со попреченост, самохраните родители и семејствата со ниски приходи, како и оние кои живеат во затворени заедници. Во наредните три месеци, Црвениот крст ќе дистрибуира 4.200 пакети со храна, 4.200 пакети со средства за хигиена, 3.000 пакети со средства за дезинфекција и 1.000 пакети за бебиња“, се вели во соопштението на УСАИД.

Во него се додава дека УСАИД ќе му помогне на Црвениот крст и за зголемување на опсегот на своите услуги за социјално и ментално здравје, како и дека Црвениот крст ќе обучува волонтери во своите 33 локални центри за да им помогне на сите оние кои се соочуваат со стрес или со други социјални предизвици.

„Почестена сум бидејќи САД можат да бидат дел од солидарноста заедно со Црвениот крст и сите останати кои колективно се справуваат со Ковид-19“, рече амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз.

Според генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити со помош на УСАИД ќе се зајакне поддршката за волонтерите и ќе се обезбедат дополнителни психолошко-социјални услуги и засилена заштита од изложеност на вирусот.

„Подеднакво важно е проширувањето на психосоцијалните програми за граѓаните и помош со храна и средства за хигиена на лицата кои ги загубија своите работни места како резултат на економската криза, како и на корисниците на социјална помош, лицата со попреченост, самохранитеродители, постари и изнемоштени лица и бездомници,“ изјави Саити.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Постизборни коалиции причина за кавга меѓу политичките партии

Постизборни коалиции причина за кавга меѓу политичките партии

Кој ќе формира нова Влада по парламентарните избори 8 мај, беше главното прашање по кое …