Заменичката на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска им врачи дипломи на петте најдобри студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. На свеченоста по повод 12-годишнината од основањето на ФИНКИ, таа истакна дека овој реномиран факултет стана расадник на квалификувани кадри, кои по сите параметри се носат рамо до рамо со своите колеги од светот.
„Како претседавач на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, свесна сум колку овие процеси зависат од луѓето како вас. Вашата улога е суштинска во времиња кога драстично се менува начинот на кој работиме и функционираме. Адаптацијата на промените кои ги наметнува технолошкиот развој, и во институциите, и во економијата е невозможна без потенцијалот кој вие го носите во себе“, посочи вицепремиерката Грковска.
Таа се осврна на посветеноста на Владата за градење стимулирачка средина за развој и обезбедување поддршка на младите луѓе да ги реализираат своите бизнис идеи. За тоа говори и поддршката на 780 проекти, со инвестиција од околу 87 милиони евра преку Фондот за иновации и технолошки развој, од кои повеќе од половина се старт-ап компании, основани претежно од млади луѓе.
„Можеби некои од вас можностите ќе ги побараат надвор од границите на државата, некаде каде ќе сметате дека вашите потенцијали ќе бидат повеќе вреднувани. Но, ве уверувам дека вашиот профил е баран и соодветно вреднуван и овде, во Република Северна Македонија. Европската или американската плата може да се заработи и овде, во Скопје, во Куманово, во Охрид и каде било на друго место во државава, секаде онаму каде досега интернетот и неговите неограничени можности. Одлуката за понатаму е само ваша. Но, што и да одлучите, каде и да се насочите понатаму, се надевам дека ќе ви остане поривот да го помогнете развојот и на својата земја, на домот кадешто сте пораснале и образувале“, истакна вицепремиерката Грковска во своето обраќање.
Проф. д-р. Боро Јакимовски, декан на ФИНКИ, нагласи дека овој важен момент во животот на студентите е резултат на многу труд, посветеност и одговорност. „Успехот и растот на ФИНКИ не се случајни. Тие се резултат на заедничките напори на секој член од нашата академска заедница. Од студентите кои се стремат кон знаење и усовршување, до професорите кои ги инспирираат и ги поддржуваат. Сите сме дел од оваа успешна приказна”, изјави деканот Јакимовски.
На свеченоста се обрати и ректорот на УКИМ, проф. д-р. Никола Јанкуловски, кој истакна дека стекнатото знаење мора да се надополнува, посебно во делот на новите технологии и ги охрабри студентите да го продолжат своето образование на магистерските и докторските студии. Овогодишните 314 дипломци и 28 магистри покажуваат дека продолжува континуираниот раст на факултетот, а фактот што 46% од нив се жени говори и за успехот во поглед на родовата застапеност. Со постојаниот раст на бројот на студенти, вработени, со придонесот во науката и градењето партнерства со институциите и индустријата, во изминативе 12 години ФИНКИ се етаблира како водечка високообразовна институција во областа на информатичките науки и компјутерското инженерство и го потврди својот квалитет на домашен и на меѓународен план.