Tестирањето за ковид-19 не вклучува собирање примероци од крв, како што се тврди во постот на Фејсбук. ПЦР тестот се прави со земање брис, што претставува стапче со памучен врв. Стапчето се става во носот и во грлото, процедура која што нема никаква врска со собирање крв. ПЦР тестот, со којшто се детектира коронавирусот, е одобрен од Светската здравствена организација (СЗО), тој е безбеден и за таа цел се применува насекаде во светот за време на пандемијата со ковид-19. Селесте Солумн не е поранешна вработена во ФЕМА, туку на Амазон, каде може да се купат нејзини книги за готвење, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа, што подолу ја пренесуваме во целост.

Во исклучително вирален пост на Фејсбук споделен 145 пати, се тврди дека поранешна вработена во американската агенција одговорна за координирање на владиниот одговор на катастрофи, како на пример урагани и терористички напади, објаснила дека со ПЦР тестот се вградува микрочип. Оваа агенција скратено е наречена ФЕМА (Federal Emergency Management Agency).

Значи, тестовите за ковид – 19 никогаш не биле тестови. Тие имплантираат чипови, вметнуваат наноботи наречени нанити со носивост на био-оружје за мозокот, а истовремено берат ДНК.

ПЦР брисот се става директно во Назофаринксот зад носот и челото каде што се твоите очи. Тоа е на крвната мозочна бариера и веднаш до вашата епифиза. Верувам дека тие ги допираат сетилата на луѓето со овие биооружја и ја убиваат човечката интуиција и вашата способност когнитивно да видите што ни прават. Тие ги допираат нашите сетила и го насочуваат мозокот со нанити кои носат товар како што зборуваше Селесте на претходните видеа. Ова е војна. Сериозна војна.

ОДБИВАЈТЕ „ТЕСТ“, ОДБИВАЈТЕ ГИ МАСКИТЕ И НИКОГАШ НЕ дозволувајте да ве боцнат со игла, се тврди во виралниот пост.

Освен што во него се изнесени информации кои немаат заснованост во реалноста и во медицинската наука, овие тврдења се атрибуирани на извесна Селесте Солумн, самопрогласена поранешна вработена во престижната Американска агенција за менаџмент на кризи, формирана во 1978 година од поранешниот претседател на САД, Џими Картер. Таква вработена во ФЕМА нема, а за тоа извести и „Ројтерс“ во својата проверка на факти, повикувајќи се на извори од самата Агенција, која информирала дека Селесте Солумн  никогаш не била вработена во ФЕМА.
Солумн тврди дека кога се зборува за ПЦР тестот, инаку златен стандард за откривање инфекција со коронавирусот, станува збор за собирање на крв и ДНК и дека тие информации одат директно во квантни супер компјутери. Според нејзиното небулозно и со ништо непоткрепено тврдење, целта на ваквото собирање крв е да се извадат податоци од длабоката историја на семејството на тој што се тестира.

Наспроти оваа лага, тестирањето за ковид не вклучува собирање на примероци од крв. ПЦР тестот се прави со земање на брис, што претставува стапче со памучен врв. Стапчето се става во носот и во грлото, процедура која што нема никаква врска со собирање крв.

Како што и претходно пишувавме, познато е дека молекуларниот тест (ПЦР тестот), со којшто се детектира коронавирусот, е одобрен од Светската здравствена организација (СЗО), тој е безбеден и за таа цел се применува насекаде во светот за време на пандемијата со ковид-19.

Молекуларните тестови, односно ПЦР тестови ги бараат знаците на активната инфекција, а примерокот што се користи за ова тестирање е брис, кој се зема подлабоко од грлото со стапче со памучен врв. На овој памучен врв нема ништо друго освен памук! Потоа, овој примерок под посебни услови се испраќа на испитување во лабораторија.

Со овие тестови се бараат знаците на активната инфекција, а примерокот што се користи за ова тестирање е брис, кој се зема подлабоко од грлото со стапче со памучен врв. Потоа, овој примерок под посебни услови се испраќа на испитување во лабораторија.

Шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавилах, уште во април за МИА изјави дека според упатствата на СЗО, ПЦР тестот е направен да го детектира самиот вирус, односно антигенот.

Со него може да се измери вирусното оптоварување или бројот на вирусите во еден примерок. Тоа значи дека само преку тестирање на вирусното оптоварување преку ПЦР, ние ќе знаеме дали некој е заразен и има активна болест и кога некој е излечен, истакна таа за МИА.

Истакнатиот производител на антигенски тестови за детекција на коронавирусот, „ЛабКорп“, за „Ројтерс“ вели оти е лага дека крвта што се зема за да се испита присуството на коронавирусот со овие тестови, а и воопшто се складира, а камоли да се употребува за ископување на некакви податоци од минатото на пациентот и неговото семејно дрво.

Тоа се помалку од 15 милилитри крв. Откако тестот е спроведен, крвта не се чува туку по стандардниот временски период на чекање ја отстрануваме. Освен кога станува збор за некој примерок кога лекарот сака уште еднаш да го тестира примерокот, мал дел од крвта се користи за да се валидизира тестот и за контрола на квалитетот. Примероците најдолго се чуваат седум дена, изјави портпаролот на ЛабКорп за Ројтерс.

Втората невистина што е дадена во овој пост е тоа дека:

ПЦР брисот се става директно во назофаринксот зад носот и челото каде што се твоите очи. Тоа е на крвната мозочна бариера и веднаш до вашата епифиза. Верувам дека тие ги допираат сетилата на луѓето со овие биооружја и ја убиваат човечката интуиција и вашата способност когнитивно да видите што ни прават. Тие ги допираат нашите сетила и го насочуваат мозокот со нанити кои носат товар, како што зборуваше Селесте на претходните видеа.

Доктор Александар Стојанов, поранешен в.д. директор на Центарот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести изјави дека станува збор за глупост која може да биде опасна.

Земањето брис од нос нема апсолутно никаква врска со било какво пробивање на мозочната бариера кај човекот. Јавноста да не слуша и чита секакви тврдења кои не се на ниеден начин научно и медицински поткрепени. Очигледно, оној кој го тврди ова, сака да ги доведе луѓето во заблуда и очигледно нема основни познавања од анатомија. На крај ќе излезе дека мозокот преку носот им го вадиме на пациентите. Брис се зема од нос и од грло и нема тука никакво оштетување на ништо. (…) Луѓето како да се порасположени да читаат сѐ друго, само не медицинска наука. Немојте да верувате во сѐ што некој кажува и бидете внимателни, ве молам – порачува епидемиологот Стојанов.

Ваква невистина не е новост во светот. Слични варијанта веќе е разобличена од Би-Би-Си, од „Ју-Ес-Еј Тудеј“, од агенцијата Асошијејтед Прес и од други медиуми, кои се наведени како поврзани објаснувачки текстови на оваа тема.

Никаков квантен компјутер и никаква умствена контрола, ниту „чипување“ не се случуваат кога некој е тестиран за ковид-19. Квантните компјутери и генерално, на целата планета, речиси никаде не се применуваат во практични цели, туку само во истражувачки, затоа што сѐ уште станува збор за недоистражена и нова технологија, со која сѐ уште тешко се управува од многу причини, а, пред сѐ, затоа што централната процесорска единица („мозокот“ на квантниот компјутер) треба да се држи на многу ниски температури, блиски до „апсолутна нула“ (-273 степени Целзиусови), односно на температури кои се пониски („постудени“) и од празниот простор меѓу ѕвездите.

Посебна приказна се, пак, „микро нанороботите“. Такво нешто не постои. Не само што не постои во реалноста, туку не постои ни во научната фантастика. „Нано“ значи милијардити дел од нешто, во случајот милијардити дел од еден метар. „Микро“ значи милионити дел од нешто, во случајот милиони дел од еден метар. Милијардити дел од метар, тоа е големина на еден атом. Роботи со големина од еден атом не постојат, односно не се измислени.

А која е Селесте Солумн? Дефинитивно не е поранешна вработена во ФЕМА, туку на Амазон каде може да се купат нејзини книги за готвење.

За трипати повисока цена пак, таа продава свое издание на книга во која што има се и сешто: историски настани, падови и издигнувања на империите, култури, религии, војска, влада, бибилиски предвидувања меѓу 2022 и 2050 година. И им порачува на купувачите да откријат какви влијанија громовите и молњите ќе имаат во пророчките настани?!

Во секој случај, споделувањето на комплетно лажни информации дека со ПЦР тестот се вметнува чип за умствена контрола на луѓето и со тоа што се апелира граѓаните да не прават тестови, да не дозволуваат да бидат боцнати од игла (да не се вакцинираат), всушност, претставува чин на антивакциналната кампања која се спроведува од овој профил.

Со стапче со памучен врв, се зема брисот од носот или од грлото и на таков начин воопшто не се собира крв од страна на медицинскиот техничар. А кај тестот што се прави со земање крв, таа не се складира за никакви информации и ДНК. Ваквите скандалозни тврдења дадени од медицински лаици претставуваат опасност по општото здравје во време на пандемија, создаваат забуна кај граѓаните и претставуваат ризик вакциналната кампања која што е во тек да биде попречена, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа, што подолу ја пренесуваме во целост.

Извор: МЕТА