Вистиномер: Долг ковид постои, а анксиозноста е само еден од симптомите

Вистиномер: Долг ковид постои, а анксиозноста е само еден од симптомите

Во објавата се тврди дека состојбата долг ковид не постои, односно дека таа е еквивалентна на анксиозност. Но, анксиозноста е само еден од симптомите на долг ковид, кои, меѓу другото, вклучуваат (како што наведува Центарот за контрола и превенција на болести на САД) замор, кој го попречува вообичаеното дневно функционирање, треска, потешкотии со дишењето, кашлица, болки во градите, брзо чукање на срцето, главоболки, проблеми со спиењето, потешкотии со концентрацијата односно „магла во мозокот“, вртоглавици, депресија и анксиозност, дијареа, стомачни болки и промени во менструалниот циклус, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека долг ковид не постои, базирано на наводни наоди од студија. Состојбата на долг ковид не само што постои и таквото тврдење е невистинито, туку и таа состојба е документирана со бројни случаи ширум светот, поткрепени со прецизно дефинирани симптоми на долгиот ковид кои се манифестираат кај лицата кои ја прележале болеста. Исти или слични симптоми, развиваат и дел од пациентите кои прележале ковид-19 кај нас и истите се лекуваат на Клиниката за пулмологија и други медицински установи во државата.

Во постот што го рецензираме пак, се тврди дека долгиот ковид е еквивалентен на анксиозност, односно дека состојбата долг ковид не постои, туку дека станува збор за лица кои страдаат од анксиозност. Ова е погрешно презентирање на фактите, бидејќи анксиозноста е само еден од симптомите на долг ковид, кои меѓудругото вклучуваат (како што наведува Центарот за контрола и превенција на болести на САД) замор кој го попречува вообичаеното дневно функционирање, треска, потешкотии со дишењето, кашлица, болки во градите, брзо чукање на срцето, главоболки, проблеми со спиењето, потешкотии со концентрацијата односно „магла во мозокот“, вртоглавици, депресија и анксиозност, дијареа, стомачни болки и промени во менструалниот циклус.

Како што може да се види од наведената симптоматологија која ја наведува Центарот за контрола и превенција на болести на САД, анксиозноста е само еден од симптомите на долг ковид и не може да се изедначува со сите симптоми на долгиот ковид, односно кај различни индивидуи се појавуваат различни симптоми.

Лицата кои страдаат од долг ковид, не се „наводно болни” како што се тврди во постот што го рецензираме, туку се реално болни, со симптоми кои го попречуваат нивното дневно вообичаено функционирање.

Во постот што го рецензираме, споделен е медиумски напис во кој има студија. Во таа студија, долгиот ковид не е наречен анксиозност и не е изедначен со анксиозноста. Во студијата се вели дека голем дел од лицата кои имале ковид 19, пријавуваат упорни симптоми по прележувањето на акутната болест. Учесници во студијата биле возрасни лица со прележан ковид-19 лабораториски документиран, кај кои поминале најмалку 6 недели од симптомите. Тие биле вклучени во студијата независно од тоа дали пријавиле пост ковид симптоми или не. Во студијата имало и контролна група која немала историја на инфекција со ковид-19. Двете групи биле вклучени во студијата во ист период и биле од иста географска област. Сите учесници во студијата имале иста евалуација независно од тоа дали пријавиле присуство на симптоми, и тоа прегледи, лабораториски тестирања, прашалници, тестови на когнитивната функција, кардиопулмонарна евалуација, имунолошки и вирусолошки тестови.

Во студијата биле вклучени 189 лица со лабораториски документиран ковид-19 и 120 лица кои немале антитела на ковид-19, односно не прележале. Пост ковид симптоми од првата група (таа од 189 лица) пријавиле 55 проценти од учесниците во студијата, и 13 проценти од тие во контролната група (таа од 120 лица).

Зголемен ризик од пост ковид симптоми е забележан кај жените и лицата со историја на анксиозност. Учесниците кои имаат пост ковид симптоми пријавуваат понизок квалитет на живот на стандардизираниот тест, пишува во студијата.

Ограничувањата на оваа студија, како што навеле самите автори, е тоа дека повеќето од учесниците со ковид-19 имале благи или средни симптоми во текот на болеста и не биле хоспитализирани. Исто така се наведува и дека е можно помотивирани да се пријават за учество во оваа студија да биле оние лица кои веќе чувствувале симптоми на пост ковид.

Во наодите од студијата се вели:

Вкупно 55 проценти од учесниците пријавија еден или повеќе упорни постакутни симптоми како замор, непријатност во градите, паросмија, главоболка, несоница, проблеми со меморијата, анксиозност, проблеми со концентрацијата. Ризик факторите за развој на пост ковид симптоми се женскиот род и историјата на анксиозност уште пред да се прележи ковид-19. Присуството на пост ковид симптоми има значителен ефект врз физичкото и менталното здравје, како што пријавија учесниците. Учесниците во студијата со пост коивд симптоми, пријавија понизок квалитет на живот отколку оние со ковид-19 без симптоми на долг ковид или оние пациенти во контролната група. Овие наоди сугерираат дека пријавената анксиозност после ковид-19 може да ја отсликуваат неизвесноста и грижата што ја чувствуваат ови пациенти, поради упорните и необјасниви симптоми со кои се соочуваат, се наведува во студијата.

Во медиумите и во медицинската заедница веќе наголемо се дискутира за тоа колку е тешко да се живее со долг ковид, па дури и самите пациенти ги споделуваат своите искуства со овие непријатни симптоми кои не постоеле пред да прележат ковид-19.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека продолжен ковид не постои и дека тој е еквивалентен на анксиозност.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Знаме Македонија

Од прослави за знамето до тензии и обвинувања за дестабилизација

Прославите за албанското знаме низ Северна Македонија предизвикаа инциденти и сквернавење на македонското знаме, што …