Влада: Првата фаза на пописот заврши успешно и тој понатаму ќе се спроведе целосно безбедно, согласно здравствениот протокол

Влада: Првата фаза на пописот заврши успешно и тој понатаму ќе се спроведе целосно безбедно, согласно здравствениот протокол

„Надлежните институции, предводени од Државниот завод за статистика се со полн капацитет посветени на најважната и најобемната статистичка операција – попис, безбедноста на податоците е целосно загарантирана, а следењето на усвоениот прецизен здравствен протокол, обезбедува сигурност дека процесот ќе биде безбеден и од здравствен аспект“, истакна портпаролот на Владата на Северна Македонија, Душко Арсовски на прес-конференцијата на која заедно со портпаролот Муамет Хоџа, портпаролот на Министерството за правда Александар Видиновски и со Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика, се осврнаа на тековните активности во рамки на Пописот на населението, домаќинствата и становите.

„Завршени се обуките на државните инструктори, кои од денеска се веќе на терен, а започна и дистрибуцијата на лаптопи и заштитна опрема за попишувачите“, рече Арсовски.

Тој информираше дека е во тек нов повик за реонски попишувачи, на којшто можат да се пријават сите невработени полнолетни лица, со завршено најмалку средно образование. Со овој повик, се затвора и листата на сите потребни попишувачи за непречено спроведување на претстојниот попис.

Како што извести портпаролот Видиновски, успешно заврши првата фаза од пописот, односно попишувањето на армијата, казнено-поправните институции, бездомните лица и вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства.

„Во делот на 11-те затвори и едниот дом за малолетници кои се попишани, запазувањето на утврдениот здравствен протокол овозможи да нема зголемување на бројот на позитивни случаи како резултат на процесот на попишување. Ова е потврда, дека доколку се почитуваат протоколите и пописот ќе се одвива непречено“, рече Видиновски.

Портпаролот Хоџа, се осврна на тековниот процес на самопопишување на македонските државјани во дијаспората. Заклучно со утрово, бројот на попишани изнесува 82.113 лица. Најмногу попишани граѓани имаме во Швајцарија, Германија и Италија. Надминати се сите технички проблеми кои се јавија првите неколку денови и самопопишувањето се одвива со зголемена динамика и без посериозни потешкотии.

Одговарајќи на прашања од новинари, Ѓоргиева уште еднаш ја потврди важноста од спроведување на успешен попис и се осврна на посветеноста на Државниот завод за статистика за непречено спроведување на истиот. Во однос на обидите за злоупотреба на податоците, таа истакна дека Законот за попис и усвоената методологија се многу јасни. Се знае кој и како може да се попише, а јасни се и санкциите за секој еден што ќе се обиде да ги злоупотреби.

Апликациите се направени така да можат да ги детектираат сите обиди за злоупотреба и да ги следат лицата кои тоа го направиле.

Во однос на здравствениот протокол и попишувањето на лица кои ќе бидат во изолација, Ѓоргиева информираше за соработката со Министерство за здравство и Мој термин, од каде редовно ќе добиваат информации за сите граѓани кои се во изолација со цел да се планира нивното попишување.

„Граѓаните треба да бидат сигурни дека е направено сé што е потребно за заштита на населението. Имаме прецизни протоколи скроени за безбедно спроведување, подготвени сме за секој детаљ, за секоја ситуација, сите постапки течат непречено. Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно, по сите стандарди без застој. Токму за да нема потреба од одложувања“, заклучи Арсовски.

Прочитајте повеќе

Прв работен ден за новата Влада – резултати или само ротација на кадри?

Прв работен ден за новата Влада – резултати или само ротација на кадри?

Новата власт, која најавува видливи резултати, економијата и животниот стандард на граѓаните ги стави меѓу …