Владата го испраќа во Собрание законот за обештетување уште 1.600 стечајци

Владата го испраќа во Собрание законот за обештетување уште 1.600 стечајци

Предлог-законот за обештетување на уште 1.600 стечајци од фирми во доминантна сопственост на државата бил усвоен на вчерашната 82. седница на Владата и е испратен во Собранието. На вчерашната седница владиниот кабинет исто така донел одлука да го реши проблемот со одлагањето на ѓубрето и го задолжила ЕЛЕМ да обезбеди еден од ископите кај ТЕЦ Осломеј за складирање на ѓубрето.

Со предлог-законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, се предвидува надомест за 1.600 работници, без разлика дали биле вработени на определено или на неопределено време или пак престанокот на работа бил по волја на работникот или по негова вина.

Исто така, министрите на вчерашната седница на владиниот кабинет ја усвоиле Информацијата за времена комунална депонија во Општина Кичево, и го задолжиле АД ЕЛЕМ да обезбеди место за времено складирање на комунален отпад на некоја од локациите на ископите на ТЕЦ Осломеј Кичево.

Вчера биле одобрени и повеќе од 100 договори за  финансиска поддршка на инвестиции, според Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Во оваа бројка влегуваат и домашни фирми. Сите што ќе добијат пари на подарок од владата ќе мора да ја докажат реализацијата на инвестициите, пред да бидат исплатени предвидените суми. Дополнително, владата бара компаниите што треба да добијат финансиска поддршка да достават потпишана изјава за конфликт на интереси.

На 82. седница, Владата вчера ја усвоила и Информацијата за состојбата со правичната застапеност на вработените во Управата за јавни приходи (УЈП), и ја задолжила УЈП да направи план за превземање на дел од вработените преку Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор што досега добиваа плати, а не одеа на работа.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …