Владата забрани организирани прослави за празниците, Заев апелира да не се дозволи ескалација на пандемијата

Владата забрани организирани прослави за празниците, Заев апелира да не се дозволи ескалација на пандемијата

Исправени сме пред нов предизвик од нашата битка со ковид-19. Соочени сме со изборот – да продожиме со превентивните здравствени политики или да влеземе во ризик со неодговорно празнување, рече пред малку премиерот Зоран Заев, кој одржа заедничка прес-конференција со министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заштита од заразни болести, д-р Жарко Караџовски.

– Денес одлучивме да ги прифатиме препораките на Комисијата за нов пакет мерки од 18 декември до 20 јануари, за да се избегне ширење на вирусот. Мерките подразбираат ограничување на работното време на угостителските објекти, како и забрана за прослави на отворено и затворено. Секој од нас е повикан да биде одговорен, за да не предизвикаме екслација и нов бран, сега кога сме на чекор до масовна вакцинација после која очекуваме да се вратат нормалните услови за живот. Овојпат мораме да избереме меѓу здоволството и профитот од една страна и одговорноста и здравјето од друга страна – рече Заев.

Тој повтори дека се обезбедени 833 илјади вакцини, а ќе бидат обезбедени и дополнителни количини. Вакцината рече дека први ќе ја примат лекарите, медицинскиот персонал, а потоа и хронично болните лица, возрасните граѓани, вработените во градинките.

– Ќе се вакцинирам и јас затоа што сакам со свој личен пример да дадам поддршка. Секој чекор на развој на вакцината го следиме, верувам во нејзината безбедност и во тврдењата на научниците дека со неа ќе се крене имунитетот на луѓето. Веќе е платен авансот за набавка – додаде премиерот.

Министерот Филипче кажа дека болниците се под голем притисок, но дека бројот на слободни болнички кревети е константен што според него, значи дека добро се менаџираат болничките капацитети.

– Имаме околу 150 слободни кревети, секој ден. Во однос на вакцините, ги посетивме економските оператори кои имаат солидни услови за чување. Им фалат фрижидери за температура на минус 70 степени, но нив ќе ги добиеме преку донација. Нашите очекувања се дека ќе стасаат во март. Во разговор со грчкиот министер, и таму се очекува вакцините да стасаат во месец март – рече министерот.

Запрашан дали ќе побара од функционерите да ги почитуваат мерките за одговорно празнување, Заев кажа дека очекува сите функционери да бидат добар пример.

– Само така ќе можеме да очекуваме и граѓаните се однесуваат одговорно за празниците. Неприкосновеноста на домот е уставна категорија. Дали ќе славиме дома или во вила во Берово, ако е во рамки на семејството, тогаш тоа е како дома. Поентата е да нема групирање во овие вили, зашто тогаш се кршат мерките. Не ги ограничуваме луѓето да празнуваат, туку тоа да го прават одговорно. Треба да си ги видиме семејствата, децата, брачните другари. Јас ќе бидам дома со сопругата и двете деца, зашто само така можам да очекувам дека народот ќе ги почитува мерките – рече премиерот.

Д-р Караџовски рече дека тие како Комисија не можат да влијаат на тоа каде едно семејство ќе слави.

– Патувањата не се лимитирани, а прославата ако е лимитирама и одговорна, може да се направи било каде, со луѓе кои ги познавате. Не е добро да се групираат луѓе. Комисијата едногласно прифати дека треба да препорачаат овие мерки, за да не се дозволи да се расипе трендот на намалување на позитивни случаи кој го имаме во последниве две недели. Тоа намалување е за 11 отсто – рече Караџовски.

Со новите мерки сите угостителски објекти ќе се затвораат во 18 часот, наместо во 21 часот, а забрането е и организирање на каков било тип прослави за време на новогодишните празници на отворен и на затворен простор од страна на кои било физички и правни лица и јавни субјекти. Овие мерки ќе бидат на сила од 18 декември до 20 јануари.

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …