Владата забрзано подготвува терен за уставните измени

Во следните неколку недели и месеци ова прашање ќе биде актуелизирано на дебати со граѓанските организации и експерти. Ако уставните измени не се спроведат, ќе дојде до застој во процесот, вели евроамбасадорот Дејвид Гир.

Владата забрзано го подготвува теренот за уставните измени. Во следните неколку недели и месеци ова прашање ќе биде актуелизирано надебати со граѓанските организации и експерти, што ќе биде вовед во продолжението на оваа процедура внатре во Собранието, која што треба да финишира до ноември.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, на прес-конференција на која што информираше за досегашниот скрининг, рече дека политичкото значење на процесот е многу позначајно од само уставни промени на еден дел од Преамбулата и на еден амандман на Комитетот за односи меѓу заедниците. „Овие уставни амандмани имаат значење на практично ‘зелено светло’ од Собранието за продолжување на преговорите со ЕУ“, вели Маричиќ.

Евроамбасадорот Дејвид Гир повтори дека уставните измени произлегуваат од обврската која што ја презема земјата во однос на  билатерални односи со Бугарија, а во рамките на процесот на пристапување кон ЕУ. „Тоа е одлука што треба да ја донесе оваа земја, која што веќе има добар историјат на добрососедски односи, кои треба да ги зајакне и  понатаму, без притоа да се поткопа идентитетот на народот на оваа држава. Ако уставните измени не се спроведат, ќе дојде до застој во процесот, а што би се случило понатаму не можам да кажам“, оцени амбасадор на ЕУ во Северна Македонија.

Гир смета дека скрининг процесот напредува добро, но дека тоа не е доволно. Посочува дека Европската комисија во последниот извештај наброја голем број реформи кои треба да се спроведат за земјата да може да напредува на патот кон ЕУ. „Најприоритетни се борбата против корупцијата, владеењето на правото, зајакнувањето на администрацијата и почитување на човековите права“, вели тој.

Дејвид Гир
Ако уставните измени не се спроведат, ќе дојде до застој во процесот, вели евроамбасадорот Дејвид Гир

Консултации 

Прашањето за уставните измени е веќе отворено и изминатиов период Владата имаше консултации на експертско ниво, а се одржа и лидерска средба во Собранието.

Нова лидерска средба засега не се планира, но премиерот Димитар Ковачевски вели дека доколку се појави потреба, тогаш ќе биде закажана и таква средба. Но, според него, пратениците се тие коишто се гласот на граѓаните во законодавниот дом, поради што ги повика постигнувањето на заедничките национални и општествени цели да го стават пред политичките и идеолошките разлики. „Некои одлуки треба да ги донесеме поради сите граѓани на Северна Македонија, нивната иднина е пред сите политички и идеолошки разлики“, рече Ковачевски.

лидерска средба
Нова лидерска средба за уставните зимени засега нема да има

Вратите се отворени за сите 

Премиерот вели дека вратите се отворени за сите политички партии кои што се за концептот за „Европска Северна Македонија“, односно сакаат да бидат дел од „Сојузот за Европа“.

„Само тоа е патот напред за нашата држава, за да обезбедиме економски просперитет, социјална сигурност и врвно владеење на демократијата и да се исполнат очекувањата на граѓаните кои што ги поставиле пред политичарите пред точно 31 година за независна македонска држава која ќе биде членка на НАТО и на ЕУ“, истакна тој.

Тој ги потврди информациите дека се „крчка“ влез на Алијанса за за Албанците во Владата, со што ќе се зголеми поддршката за уставните измени во парламентот.

„Постојат шанси за влез на Алијансата за Албанците во Владата, но тоа ќе зависи и од политичкиот договор. Партијата има изразено политичка волја која што е „за“ европски концепт на државата. Дали ќе влезе во Владата? Да, постојат шанси за тоа. Исто како што кажаа и другите политички лидери. А дали ќе се случи тоа? Зависи од политички договор. Политичкиот договор секогаш има два аспекти – едниот е програмски и другиот е кадровски. Додека не се случи такво нешто, не можеме со сигурност да кажеме дека ќе има уште еден владин партнер“, рече Ковачевски. Тој ја остава вратата подотворена и за сите оние кои што сакаат да се приклучат кон концептот за европска Северна Македонија.

Влада
Се отвара патот и Алијан за за Албанците да стане дел од владината коалицијаж

Два концепти

По изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека целта е да се прошири мнозинството и да се создаде една алијанса за Европа,Ковачевски вели дека во земјата постојат два концепти. „Едниот концепт е за европска Северна Македонија, и од друга страна, има концепт на политички партии, тука пред се мислам на Левица и на нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ, кои што се против членството во НАТО, што го потврдија во свои јавни изјави и против членството во ЕУ, што сметам дека е погрешен концепт, бидејќи не нуди алтернатива. Дури уште полошо, Левица нуди некаква алтернатива на евроазиска унија, која што во ниту еден случај не е во согласност со определбите на граѓаните на нашата држава“, изјави премиерот.

Прочитајте повеќе

Фондацијата Метаморфозис со конкурс за годишна награда „Илија Жупаноски“ за справување со дезинформации

Ќе бидат доделени две годишни награди во две категории: Најдобар новинарски труд, односно стручен труд …