На вкупно 2.566 луѓе им било доделено бугарско државјанство во првите шест месеци од 2019 година, велат податоците на Комисијата за бугарско државјанство при кабинетот на претседателот на Република Бугарија. Во претходната година, пак, државјанство од Бугарија, земја-членка на ЕУ, добиле 3.619 граѓани на Република Северна Македонија.
Осумдесет и осум луѓе биле лишени од своите бугарски пасоши. Вкупно 1.390 луѓе биле одбиени по препорака од Министерот за правда, додека додатни 245 пријави биле одбиени со одлуката на потпретседателот, кој раководи со комитетот за државјанство.
Бугарско државјанство преку натурализација било повлечено во пет случаи со образложение, дека оние на кои им било доделено криеле информации кои ги дисквалификуваат. Информациите се однесувале на кривични пресуди на апликантите или на врски со криминал.
Во извештајот се вели дека во 2018 година, вкупно 8.362 лица добиле бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло или преку натурализација.
Од нив, најголемиот број, 3.619, потекнувале од Република Северна Македонија, а потоа, 1422 од Украина. Следни по големина на групи биле Молдавци и Израелци, вкупно неколку стотици, а потоа следат Срби, Албанци и Турци.
Оние што добиле бугарско државјанство во 2018 година вклучуваа Австријци, Руси, Шпанци, Виетнамци, Сиријци, Либанци, Грузијци, Италијанци, Канаѓани и тројца Кинези.
По еден од Унгарија, Монголија, Куба, Уругвај, Пакистан и Холандија добиле бугарско државјанство минатата година.
Во 2018 година, вкупно 1245 лица биле одбиени, најчесто заради фалсификувани документи во постапки за натурализација, употреба на туѓ идентитет или затоа што им било одземено правото на постојан престој во земјата.
Извор: МЕТА