Со потпишувањето на оваа Конвенција, што се одржа на 17-та Конференција на министри задолжени за спорт, во организација на Советот на Европа, нашата држава се придружи на над 30 земји членки на Советот на Европа кои ја прифаќаат Конвенцијата и со која се обврзуваат на координиран пристап за превенција, спречување, откривање и санкционирање на манипулацијата со спортските натпревари.
„Манипулацијата со спортските натпревари претставува предизвик за владеењето на правото, бидејќи е поврзана со измами, организиран криминал и корупција. Оваа појава добива загрижувачки размери од почетокот на новиот милениум и затоа сите заедно мора да работиме на развој на нови мерки во кои ќе бидат вклучени сите засегнати страни, јавните власти, спортските организации и операторите за спортско обложување“, оцени Грковска.
Таа потенцираше дека од големо значење е пристапот кој го предвидува Конвенцијата, а кој се фокусира на превенција, спроведување на законот, мерки за меѓународна соработка, како и размена на информации.
Конвенцијата истовремено е посветена и на превенцијата како значаен елемент во спречувањето на манипулациите во спортските натпревари. Операторите за спортско обложување се исто така препознаени како клучни партнери за спречување и размена на информации за манипулации поврзани со обложување.