Вреднување

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

  • ‘Ма не, не ме интересира политика! (Голем дел од граѓаните на оваа изјава викаат: „паметен човек“)
  • Сè е тоа политика! (Се мисли на највалканата професија)
  • Едукацијата за политика е нешто што младите не треба да го имаат! (Ова значи: нека не ги трујат младите со политика)
  • Абе политика! (Се мисли- не е важно тоа)
  • Добро е, важно се гради! (Најфреквентната реченица за „Скопје 2014“)
  • Не! Не! Не ми кажувај дека овие се подобри, другите барем нешто правеа! (Пример за отсуство на било каква критика за “своите“, бидејќи кај нас истакнувањето на вистината за “блиските” е предавство, не соочување со реалноста)
  • Дај да завршиме работа, ако може, те молам, па ќе видиме после! (Ова е директно поврзано со немањето свест за развој на општествениот контекст)
  • Ај ако може да не ме малтретирате многу да учам, стварно имам работа! (Во последните 10 години, тоа е најнормалната реченица која со невидена леснотија може да ја употреби студент, затоа што не е важно да знаеш, важно е да имаш 240 кредити)
  • Кутрата Македонија, од секаде е нападната! (Немање чувство за одговорност и поаѓање од себе си)
  • Би се вработил тој, само нема доволно пари да си го плати вработувањето, инаку му се исплаќа! (Последица на вработувањата во администрацијата, а за тоа дека треба да му платиш на некој локален или централен каубој, не само што никој не мисли дека треба да го пријави, туку на луѓето им е криво што немаат пари да платат!)
  • Знам, ќе ги поткупат и ќе се среди! (Се мисли на актуелниот пратенички состав, а ние немаме проблем со тоа)
  • Абе сите се исти, туку јас да се снајдам, да се вработам! (Нешто што го мисли секој млад човек кој не планира да замине надвор од Македонија)
  • Како може СДСМ уште да остава ВМРО-вци да работат! (И обратно)
  • Абе ти знаеш кој му е татко него, што се занесуваш!? (Зацврстено вреднување на можноста да се биде нечиј “татин син“, нешто каде, за жал, сè уште нема значителна промена)
  • Каде сите, таму и ти, не си ти најпаметниот! (Ова директно ја намалува партиципативноста и можноста за користење на граѓанските права)

Цитирањето вакви реченици може да оди до недоглед. Сите сме сведоци на нивното постоење и секојдневна зачестена употреба, заради што поголемиот дел од граѓаните не знаат како треба да ги воспитуваат своите деца, за да тие бидат животоспособни. Голем дел од вработените не знаат да даваат иницијативи за подобрување на нештата, бидејќи не се тие “главните”. А политичарите, пак, се изгубени во сопствената професија, бидејќи единствено што се вреднува кај нив е “да ти завршат работа”. Дојдовме до ситуација каде што незгодно ти паѓа да размислуваш, не пак, недај Боже, да имаш став!

Наспроти сите формални и неформални едукации за критичко размислување, сè повеќе и повеќе заглавуваме во неподобен систем на вредности. Затоа денес со овој текст сакам да се запрашаме: ШТО НИЕ ВРЕДНУВАМЕ?

Модерно е да си патриот. И јас ја сакам Македонија, но кажете ми 10 македонски автори кои се попознати од Амди Бајрам!? (Како ние реагираме на ова?) Кажете ми тројца новинари кои беа критички насочени, а кои не беа етикетирани, омаловажени и дури и затворани!? (Заборавивме дека ова им се случило на важни чинители во Македонија). Кажете ми дали повеќе го вреднувате вредниот и сиромашен (го мразам овој збор!) ученик, или детето на “некој“!? Кажете ми дали правите разлика меѓу градење и урбанизам!? Кажете ми пет личности од било која фела кои се видлив пример за интегритет, достоинство и човечност!?

Според „Економист”, Македонија има најголем проблем со политичката култура. А тоа, наједноставно кажано, е тесно поврзано со начинот на кој се донесуваат одлуките за важните општествени прашања и како се избираат оние кои истите тие одлуки ги донесуваат.

Што вреднуваме ние? Имајте на ум дека не можеме да се вадиме на сиромаштија, оти ние и вработени, пак сме сиромашни!

Прочитајте повеќе

Ковачевски од Куманово: Нема откажување од иднината, од надежта и желбата за европска Македонија

„СДСМ е опција која носи надеж, обезбедува подобар и подостоинствен живот за сите, опција која …