Во изминатите три години во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, кое годинава одбележува 60 години од своето постоење, направени се инфраструктурни зафати кои значително ги подобрија условите за изведување на воспитно-образовниот процес, за што се вложени средства во висина од околу  9.500.000 денари.

Целосна промена на сите стари, со нови ПВЦ врати, реконструкција на 11 училници на приземјето со спуштање на таваните заради подобрување на енергетската ефикасност на училишната зграда, променета електрична инсталација и поставени нови лед светилки, реконструкција на санитарните јазли и нивно комплетно опремување, се само дел од реализираните активности во насока на подобрување на условите за одржување и изведување на наставата.

„Во училиштето е извршена реконструкција на 11 училници на првиот кат со поставување на топлотен под, поставен е ламинат во 11 наставнички кабинети, набавена машина за темелно чистење на подовите и направен е тоалет за лица со попреченост, опремен со соодветна опрема и санитарии. После долго време, набавивме поголема количина на училишен инвентар која се состои од 120 големи клупи и 240 столици, 12 мали клупи и 50 столчиња за првачињата, 12 наставнички катедри и 30 канцелариски столици, во вкупна вредност од 853.000 денари. Минатата година реконструирани беа ходниците на приземјето и на првиот кат, зафат кој вклучуваше спуштање на таваните и целосна промена на електричното осветлување износ, за што беа потрошени 1.710.000 денари“, истакна Кети Стевананџија, директорка на ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“.

Таа додава дека е инвестирано и во набавка на нагледни средства и техничко помагала: набавени се 10 бели и две интерактивни табли, ЛЦД проектори, нагледни средства по предметите физика и хемија, збогатен е и библиотечниот фонд со набавка на 300 лектирни изданија и 5 енциклопедии. За подобрување на наставата од далечина по математика и физика, набавени се 6 графички табли, а изградена е рампа за лицата со попреченост.

Она што е од приоритетна важност за училиштето и на кое што се става главен акцент во тековната 2021 година, е изградбата на спортска сала, за што е потпишан трипартитен договор меѓу ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, Општина Прилеп и Министерството за образование и наука.

Исто така, директорката Стевананџија потенцира дека годинава ќе се направи промена на оградата околу училиштето, спремен е проектот за енергетска ефикасност и промена на фасадата на училиштето со кој ќе се аплицира на повикот од МОН, а планирана е набавка на 25 компјутери, за секоја училница по еден, со што ќе се анулираат и најмалите проблеми при изведувањето на наставата.

Кога е во прашање изведувањето на наставата во услови на пандемија од Ковид-19, вкупно 240 ученици од прво до трето одделение посетуваат настава со физичко присуство. Сите останати ученици од четврто до деветто одделение, согласно препораките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, наставата ја следат од далечина.