Утринава дојава за поставени бомби е испратена до повеќе електронски адреси меѓу кои за прв пат и до Претседателот Стево Пендаровски, до Министерството за внатрешни работи (МВР), но и до два медиума: „ТВ Канал 5“ и „360 степени“, потврдија од МВР за Мета.мк.
„Денеска (21.02.2023) е пријавено дека преку електронските адреси е упатена закана за поставена експлозивна направа до Музеј на град Скопје, Природонаучен музеј, Археолошки музеј, Музеј на ММБ Спомен куќа на Мајка Тереза, ГТЦ, Ист гејт мол, ТЦ Бисер, Флатирон, Џевахир, Управен суд, Куќа на Претседателот-Вила Водно, х. Мериот, х. Александар Палас, СЦ Борис Трајковски, Железничка станица Скопје и ФФМ“, велат од МВР.
Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Пораката испратена од електронската адреса grahamkleiny72@gmail.com, во чиј наслов односно предмет (subject) е наведено „закана“, освен на електронските адреси на медиумите е испратена и до Министерството за внатрешни работи.
Во пораката, чија содржина во целост ја објави „360 степени“, на дојавите за бомби им се дава политичка конотација, односно се бара владата да поднесе оставка. Во пораката се користат нелогични реченични конструкции за македонскиот јазик, како на пример: „Нема да престанеме додека власта е на потег“.
Дојавите за бомби почнаа да пристигнуваат до електронските адреси на средните училишта во Скопје кон крајот на октомври минатата година, и до сега сите беа лажни. Вакви лажни дојави за бомби се испраќаат во повеќе земји од регионот, во последните две години.
Извор: МЕТА