Од обвинителството за Мета.мк брифираат дека во државата нема регистар на шуми и обвинителството тешко може да го докаже делото. Законот не препознава дефиниција за шума, па оттаму предизвикувачите на пожарите се гонат по друго кривично дело, за кое има пониски казни – предизвикување општа опасност, каде казните најчесто се условни
Никој во последниве години не одговарал и не бил осуден за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“. Мета.мк ги побара податоците од Кривичниот суд за тоа колку пресуди биле донесени за ова кривично дело во 2022, 2023, до април 2024 година, а одговорот гласеше дека таква пресуда за овој период не постои, бидејќи не е поднесен обвинителен акт или предлог од страна на Јавното обвинителство.
Од обвинителството за Мета.мк брифираат дека во државата нема регистар на шуми и обвинителството тешко може да докаже дека одреден пожар всушност започнал од шума, а потоа се раширил. Со други зборови, законот не препознава дефиниција за шума, па оттаму предизвикувачите на пожарите се гонат по друго кривично дело, за кое има пониски казни – предизвикување општа опасност.
Според документите од Кривичниот суд, 34 пресуди се донесени од 2022 до април годинава за предизвикување општа опасност, но не сите се однесуваат за предизвикување пожар. На пример, под предизвикување општа опасност може да се вклучи и опожарување на возило, пукање со огнено оружје на прослава и сл. Па така, не може да се добие прецизна статистика за тоа колку точно пресуди се донесени за предизвикување општа опасност, поради предизвикување пожар.
Во секој случај, пресудите за најголемиот дел од делата „предизвикување општа опасност се условни казни“, нешто што јасно укажува дека и покрај опасноста од предозвикувањето пожари, сторителите се соочуваат со минимални казни.
За да се надмине овој проблем, во недостиг на регистар на шуми, се подготвува нов Кривичен законик, каде што ова дело ќе биде допрецизирано.
Ангелов: Нè очекува пеколна пролет и веројатно уште попеколно лето
Пожарите и поплавите се најчестите природните непогоди кои се случиле во С. Македонија во периодот од 2005 до 2023 година, според Анализата на екстремни временски настани, која ја изработи Центарот на климатски промени. Најчесто се регистрирани во периодот од март до септември, а особено се зачестени во последните десет години. Тоа, според aнализата, укажува дека се директно поврзани со влијанијата на климатските промени и покачувањето на просечните температури.
Според Статистичкиот годишник на Државниот завод за статистика, објавен лани во декември, штетите од шумските пожари се огромни. После бесправната сеча на дрва, бројките покажуваат дека пожарите се вториот најголем фактор за уништување на шумите во земјава. Во 2022 година изгореле 4.300 хектари шуми, но во 2021 година тој број е повеќе од двојно поголем, над 11.400 хектари шуми. Во 2020 година, во екот на пандемијата на Ковид и мерките за забрана за движење, изгореле околу 600 хектари, а во 2019 година штети од пожар биле предизвикани на над 10.600 хектари.
Причинител на најголемиот број на пожари е човекот, дали намерно или од невнимание, вели директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Тој посочува дека најголем дел од пожарите со кои се соочуваат тимовите кои ги координира потекнуваат од земјоделски активности во кои производителите го користат палењето за да ги исчистат нивите, да се одлободат од вишокот од нивните земјоделски производи или од лозовите прачки, или од сточарите кои ги палат пасиштата за да се ослободат од трњата кои им пречат во напасувањето на стоката. Понекогаш пожар предизвикува и невниманието на граѓаните, најчесто преку фрлање на отпушоци покрај патиштата, а има и намерно палење како резултат на патолошки состојби или за да се искористи дрвната маса. Резултат на сето тоа се пожари на отворено, чиј број е сè поголем секоја година.
Минатата година ја заокруживме на околу 2400 пожари на отворено. Од нив помал дел завршија во шума, а останатите беа на отворено и зафатија трева, грмушки, деградирана шума. За жал состојбата оваа година е многу полоша, би рекол драстично полоша и очекуваме многу лошо лето од аспект на пожари, вели Ангелов.
Нагласува дека пожарникарите веќе се исцрпени, гаснат пожари и на отворено и во урбаните средини, а и не се целосно опремени. Податоците на Центарот за управување со кризи велат дека во првите десет дена од овој месец се случиле 171 пожар, колку за целиот претходен месец. Од нив 30 завршиле во шума, а имало и загрижувачки ситуации во кои се барала и воздушна поддршка во гаснењето.
Во однос на март минатата година кога имавме 87 пожари на отворено, од кои седум шумски, а оваа година 171 пожар од кои 14 шумски. Нè очекува навистина пеколна пролет и веројатно уште попеколно лето. Верувам дека и есента ќе биде таква, бидејќи минатата година до ноември имавме исклучително сериозни пожари, посочува Ангелов.
Тој додава дека многу често се случува во исто време да биде побарана воздушна поддршка на повеќе локации, па тогаш мора да се користат прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи и најавата за локални дождови кои би можеле да помогнат во гаснењето на пожарите.
Влијанието на климатските промени го чувствуваме и го гледаме преку температурите кои се несвојствено високи за овој период од годината. Вегетацијата, која сега се раззеленува, на овие температури ќе биде многу брзо сува и лесно запалива. Но, мора да ни биде јасно и дека ако нема човек што ќе предизвика пожар, глобалното затоплување само по себе не игра голема улога. Иако постои таа можност, речиси и да немаме случаи на самонастанати пожари на отворено, вели Ангелов.
Автори: Мери Јордановска и Сања Наумовска