За упис во средно досега онлајн се пријавиле 6.500 деветтоодделенци

За упис во средно досега онлајн се пријавиле 6.500 деветтоодделенци

Преку https://e-uslugi.mon.gov.mk, досега за упис во средно образование се пријавиле 6.500 ученици, информира за Мета министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Во државата има повеќе од 20.000 деветтоодделенци кои мораат да се запишат во средно бидејќи средното образование е задолжително. За прв пат, оваа година уписите се организираат на овој начин со електронска пријава и прикачување документи оналјн. Сепак, на 16 и на 17 јуни учениците ќе мора истите документи да ги однесат и да ги покажат во училиште пред уписните комисии за да се докаже нивната веродостојност.

„Процесот добро тече, учениците пополнуваат пријава и прикачуваат свидетелства и други документи кои се потребни за упис. Бидејќи овозможивме пристап до системот за пријавување уште на 10 јуни, досега се пријавиле околу 6.500 ученици“, кажа Шаќири.

Денеска, додека трае електронското пријавување на за упис во средно училиште, се појавија проблеми со веб-страницата на Министерството за образование и наука mon.gov.mk која на моменти беше недостапна. Како што посочи министерот, причина за тоа е тоа што се поставуваат апликации за безбедност, поради што сајтот беше привремено нефункционален, но тоа не влијае на процесот.

Овој начин на пријавување многумина го толкуваат како двојна обврска, а не олеснување, со оглед на фактот што не можат да завршат работа само со електронското пријавување, туку кандидатите мораат да се појават на училиште и да ги достават свидетелствата и останатите потребни документи за упис.

За проф. д-р Боро Јакимовски, новиот декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, овој начин на упис им олеснува на вработените во училиштата, да не мора да ги препишуваат податоците од свидетелствата, туку едноставно само да извршат проверка на документите.

„Тие не мора да ги внесуваат податоците, а поентата е да не мора да се троши време да се препишуваат. Многу е полесно да ги провериме одошто да ги препишуваме. Се прават напори во МОН да се автоматизира процесот и да не мора да се носат документите на увид, но тоа е процес кој бара заложба, средства и време“, вели Јакимовски.

Според него, нема потреба да се бара документи да се прикачуваат во пдф или јпг формат.

„Мислам дека за тоа нема потреба. Тоа беше воведено најмногу заради избегнувањето на физички контакт во време на пандемија, но отсега прикачување скенирани документи може да се изостави“, додава тој.

Јакимовски укажа на уписите на факултет во Обединетото Кралство, каде што уште од пред 15 години процесот е централизиран и сè се врши по електронски пат.

„Таму можеш и на три факултети да аплицираш. Кај нас тоа законот не го дозволува. А еден таков електронскиот систем ќе ги сведе злоупотребите на нула, нема да има простор за фиктивно прикажување документи“, додава професорот.

Инаку, надлежните размислуваат за во иднина да овозможат да се издаваат свидетелства во електронска форма, која би била веродостојна електронска верзија на документот, како што е на пример, потврдата за ковид.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …