Заев до Каракачанов: Не сме легнале во 1943 година како Бугари, за потоа да се разбудиме како Македонци

Заев до Каракачанов: Не сме легнале во 1943 година како Бугари, за потоа да се разбудиме како Македонци

Македонскиот премиер Зоран Заев апелира до Бугарија да ги почитува европските вредности, а една од нив е и правото на самоопределување.

„На 31 декември 1943. Македонците не си легнаа како Бугари и се разбудија на 1 јануари 1944. како Македонци. Тие се Македонци со векови, се чувствувале и се чувствуваат како Македонци. Ние сме биле и сме и ќе бидеме Македонци“. Ова е пораката којашто ја испрати македонскиот премиер Зоран Заев до бугарските власти, по последната изјава на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов дека не постои одделен македонски идентитет од бугарскиот пред 1944 година.

Заев оценува дека ваквите изјави го повредуваат македонскиот народ, бидејќи секој има право на самоопределување. „Нашето право на самоопределување е наше суверено право“, дециден е Заев.

Апел до Бугарија

Тој апелираше до соседна Бугарија, ако се Европејци, да го почитуваат правото на самоопределување на земјата, бидејќи тоа се европските вредности.
„Апелирам до пријателска Бугарија и до мојот пријател Красимир Каракачанов да знаат дека колку и да е тоа податливо во Бугарија, овде повредува. Секаде во светот секој има право да се определи како сака. Нашиот суверенитет соседна Бугарија го има признаено прва. Ако се Европејци, европските вредности се почитување на нашето право на идентитет – а тоа е дека сме Македонци кои говорат македонски јазик и право на определба за нашите корени. Точно е дека имаме заедничка историја, но и различна“, рече Заев на прес-конференцијата на која беше промовиран владиниот реформски пакет „Акција 21 – за европски стандарди дома“.

Ваквата реакција доаѓа по острата реторика на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов кој изјави дека „секој што прочитал пет страници историја знае дека нема македонски идентитет, одделен од бугарскиот пред 1944 година”.
„Не можеш да ја касаш раката која те поддржува и која ти е подадена со една братска добронамерност, во буквална смисла. Братска, затоа што ние сме еден народ и говориме ист јазик. Што и да ми зборуваат и објаснуваат за идентитетот, којшто бил многу древен, секој нормален човек којшто прочитал повеќе од пет страници историја поврзана со Македонија, знае дека таков идентитет, македонски, посебен од бугарскиот, пред 1944-та година не постои“, вели Каракачанов за бугарските медиуми.

Нема алтернатива за ЕУ

Заев денеска повтори дека Северна Македонија нема алтернатива за членството во ЕУ. „Како и претседателот Стево Пендаровски, така и јас јавно размислувам, јавно зборувам за ставовите на нашата Влада, не ни требаат бајпас решенија, не ни требаат алтернативни решенија за нашето членство во ЕУ“, истакна првиот човек на македонската Влада. Одговарајќи на новинарско прашање за македонско-бугарските односи, нагласи дека земјата заслужува како никој досега да биде членка на Унијата.

„Дома продолжуваме по европскиот пат, европеизацијата на државата нема да застане. Продолжуваат разговорите до изнаоѓање на решение, а се надевам дека првата половина на 2021 година во многу порелаксирани околности и кај двете страни ќе можеме да изнајдеме решенија“, посочи Заев. Владата останува на одлуката да и’ понуди на Бугарија да го покрива македонското небо. Заев се надева дека бугарскиот народ и бугарското раководство на тоа ќе гледаат како чин на градење на пријателство и на зацврстување на меѓусебната доверба.

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …