Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, денеска одржаа заедничка прес конфренција на која информираа за заедничките активности во рамките на официјалната посета на Генералниот Секрeтар на НАТО Столтенберг и на делегацијата на алијансата што го придружуваше.

Заедничката прес конференција се одржа веднаш после работниот ручек на кој премиерот Заев и Генералниот секретар на НАТО Столтенберг, во присуство делегациите на Владата на Република Македонија и на алијансата, разговараа за актуелни прашања за процесот за членство на нашата земја во НАТО.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и членовите на владината делегација во која беа Заменик претседателката на владата и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заменик претседателот во владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, заменик претседателот во владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерката за правда Рената Дескоска, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, како и други членови во министерствата во Владата на РМ, го запознаа Генералниот секретар на НАТО Столтенберг со текот на активностите што треба да го забрзаат процесот на нашето зачленување во алијансата како што се формирањето на Комитетот за интеграција во НАТО и Работниот комитет за интеграција во НАТО.

Во изјавата за медиумите на заедничката прес конференција, премиерот Заев се заблагодари за посетата и му оддаде признание на Генералниот секретар на НАТО Столтенберг за неговиот несебичен и посветен личен ангажман во промовирањето на партнерството и соработката меѓу НАТО и Република Македонија.

„Граѓаните на нашата земја засекогаш ќе запаметат дека поканата за НАТО, како историска одлука за иднината на нашата земја и на нашите граѓани, ја потпиша лично тој, нашиот пријател Јенс Столтенберг на 12 јули оваа година во Брисел. Со овој голем гест, НАТО го поттикна и го забрза процесот на интеграцијата на Република Македонија во НАТО, и со тоа го зајакна чувството за припадност на нашата земја кон најмоќната безбедносна организација во светот“, нагласи премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ Заев додаде дека, дополнително, поканата влијаеше позитивно за внатрешната кохезија во нашето општество и ја промовираше Република Македонија како пример во Западен Балкан, придонесувајќи за регионалниот просперитет.

Премиерот Заев потенцираше дека процесот на планирање на завршницата од нашето пристапување кон полноправно членство во НАТО е веќе започнат, и дека силната поддршка што доаѓа од страна на НАТО е од големо значење за нас, за навремено и успешно завршување на реформскиот процес.

„Референдумот на 30 септември ќе биде уште еден важен предизвик. Ние сме на историски крстопат за нашата иднина. Убеден сум дека граѓаните ќе ја препознаат важноста на моментот за перспективите на нашата земја. Во таа насока, очекувам дека релевантните политички партии, особено опозицијата, ќе покажат единство и дека ќе се вклучат во процесите. Интеграцијата во ЕУ и НАТО се наши национални стратешки приоритети“, рече премиерот Заев, и додаде дека е убеден дека референдумот ќе биде успешен и дека потоа ќе можат да следуваат уставните измени.

„Очекувам процесот да го завршиме навреме, за да може Протоколот за пристапување во НАТО да биде потпишан на почетокот од 2019 година, и да можат земјите членки во НАТО да го започнат процесот на ратификација, за да го заземеме заслуженото место во НАТО, и целосно да го споделуваме товарот и одговорностите во Алијансата“, нагласи премиерот Заев, и додаде дека резултатите од анкетите на јавното мислење охрабруваат, и дека граѓаните на Република Македонија сакаат да се реши спорот за името и земјата да се придвижи кон ЕУ и НАТО. 75-80% го поддржуваат членството во ЕУ и НАТО.

Од своја страна Генералниот секретар на НАТО Столтенберг на заедничката прес конференција истакна дека портите на НАТО се отворени и дека одлуката на народот на Република Македонија на референдумот зависи дали земјата ќе зачекори во алијансата.

Генералниот секретар Столтенберг потенцираше дека граѓаните на Република Македонија треба да имаат предвид кога ќе го изберат својот одговор на референдумот дека одлучуваат земјата да стане земја членка на сојуз од 29 други земји кои ќе го гарантираат мирот и стабилноста на граѓаните, и да биде партнер на заедница од земји со повеќе од една милијарда жители.

„Ве чекаме во НАТО“, порача на македонски јазик Генералниот секретар Столтенберг на заедничката прес конференција со Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.