Заев на Форумот Кран Монтана во Брисел: Пред Македонија стои можност за полноправно членство во ЕУ

Претседателот на владата на Република Македонија Зоран Заев денеска учествуваше на Форумот Кран Монтана во Брисел, на кој учествуваат претседатели и шефови на влади, како и други истакнати личности од политичкиот и општествениот живот на Европа,

Премиерот Заев имаше свое обраќање на сесијата посветена на темата „Југоисточна Европа и нејзиното пристапување кон Европската Унија“, во кое на почетокот ги запозна учесниците на форумот со искуствата од потпишувањето на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство меѓу Република Македонија и Република Грција.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев информираше дека компромисот со Република Грција, реализиран во духот на најдобрите искуства од европското минато, во духот на дијалогот како европски начин, преточен во решение, ќе биде ставен на конечна одлука, повторно во духот на европските демократски манири кога станува збор големи национални одлуки – на референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат идното име на нашата земја да биде – Република Северна Македонија, со потврден и меѓународно признат и зајакнат македонски идентитет.

Како резултат на овој договор, истакна премиерот Заев, дојде и одлуката на Европската Унија, на Република Македонија да и одреди датум за старт на преговорите и за отпочнување на последната фаза од пристапувањето во полноправно членство на нашата земја во унијата.

„Нашата земја го заслужи тоа. Оваа одлука е непосреден повод за датумот за преговори за Република Македонија, но причините за неа се и препораките на Европската Комисија кој во април му достави на Европскиот Совет кристално чиста и безусловна препорака, дека нашата земја ги исполнува условите и треба да  добие датум за отворање на поглавјата за пристапување. Само пред 24 месеци, Европската Комисија ја опиша Република Македонија како заробена држава. Термин за држави киднапирани од корупција и од авторитарни режими. Само една година подоцна, Европската Комисија нотираше позитивни промени, динамичен процес на реформи, инклузивност и општествен дијалог, политичка волја за решавање на споровите со соседите, и јасно изразена визија за европска иднина.

Разликата со претходниот извештајот е – драстична. Денес, Република Македонија е слободно општество со видлива политичка волја за реформи кои што недостасуваа во минатото“, рече премиерот Заев во своето обраќање на Форумот Кран Монтана во Брисел на сесијата „Југоисточна Европа и нејзиното пристапување кон Европската Унија“

Премиерот Заев пред присутните на форумот истакна дека Република Македонија ќе направи сè за да продолжи по патот на реформи и на исполнување на нејзините стратешки аспирации – членство во ЕУ и НАТО, и дека следното проширување на ЕУ, во кое ќе биде вклучена и Република Македонија, е – во суштина – консолидацијата на Европската Унија.

„Консолидацијата на Европската Унија ќе биде потполна кога таа ќе ги прифати во своето семејство земјите од Западен Балкан што ќе ги исполнат условите – се разбира. Нам сите ние е познато дека поттикот што Европската Унија им го дава на земјите што преговараат во таа последна фаза од процесот за членство – е суштествен, исклучително фокусиран мотивирачки и охрабрувачки за земјите кандидатки за членство. Пред нас имаме конкретна цел. Никогаш не сме биле поблиску до членство во ЕУ“, нагласи премиерот Заев.

Во завршницата на своето обраќање на Форумот Кран Монтана, претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев истакна дека датумот за преговори е голем поттик и мотивација за сите граѓани и дека пред земјата, како никогаш досега, стои  можност да затвори стратешкото поглавје од својата современа историја – полноправно членство во Европската Унија.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: ЕУ е нашата единствена алтернатива, заедно со ЕУ ќе ја пребродиме економско-енергетската криза

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со лидерите од Западен Балкан денеска учествуваше и дискутираше на втората …