Заев на новинарски прашања: Законот за амнестија ќе го помогне потребното помирување

Заев на новинарски прашања: Законот за амнестија ќе го помогне потребното помирување

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на денешната Националната конференција за градоначалници „Децентрализација – Патот што претстои“, одговараше и на прашања од интерес на новинарите, што ви ги пренесуваме во целост:

Дали планирате да ги исполните ветувањата за линеарно покачување, односно еднакво покачување на платите од здравството?

Заев: Во делот на балансирањето на платите во здравството, прво сум среќен што успеавме да смогнеме сили да изнајдеме средства, покрај ланското покачување од септември на 5 проценти на платите во здравството, оваа година да ја почнеме со нови 10 проценти за покачување на платите на специјалистите и пет проценти на медицинските сестри, болничарите и другиот персонал. Следува и од септември 2019 година уште по пет проценти, со тоа ќе стигнеме просек од 90.000 денари вкупен приход на специјалистите. Тоа е нето плата плус дежурствата кои што ги остваруваат. Иако имаме случаи, каде што, заедно со дежурствата имаме специјалисти од терцијалното здравство во Клиничкиот центар, што зимаат 140-150.000 денари приходи. Тоа се 2.500 евра плата, ако ги споредиме со платите во Германија, можеме да кажеме дека сме направиле одреден сериозен исчекор. Исто така, заради тоа што нема доволен број на лекари во внатрешноста во општите болници, таму специјалистите имаат, за жал, позачестени дежурства, па така платите и таму заедно со дежурствата стигнуваат некаде до 110-120 илјади денари и верувам дека нивото на достоинствено живеење и работење го подигнуваме во делот на здравството.

Направивме исчекор, за да обезбедиме дополнително стотици милиони денари, за да почнат новите пет проценти, за медицинскиот персонал, медицинските сестри, болничарите и другите кои работат во здравството, секако тоа не е доволно. Но, треба да имаме предвид дека еве во културата очекуваме да има дијалог, помеѓу синдикатите, да се донесат Колективните договори. И таму треба да изнајдеме средства, кои што се вкупно, до конечната цел, 360 милиони денари. И полицијата и Армијата бараат и другите институции. Како расте и се развива, Македонија, расте Бруто домашниот производ (БДП), парите ќе ги распределиме и за плати и за капитални инвестиции насекаде во државата. Треба да знаеме дека и толку се можностите на Република Македонија. Но, да се надевам дека  економијата ќе расте и ќе се развива. Трендовите се одлични, Буџетот е стабилен, финансиската ликвидност е огромна, ако продолжиме во тој тренд да се развиваме, верувам дека и квалитетот на животот, а вклучително и платите на здравствените работници, но и на другиот дел од администрацијата во иднина ќе расте.

Здравствените работници го паузираа протестот и рекоа дека треба да се сретнат со вас. Дали ќе се сретнете?

Заев: Да, јас му кажав синоќа на министерот за здравство, кога имавме состанок, а и со градоначалникот. Темите беа и делот на инфраструктура, во градот, но и во делот на здравството. На 24 или 25 ќе одржам состанок со министерот за здравство и синдикатите од делот на здравството, за да ги разгледаме сите нивни прашања, за кои што мислат дека треба да разговараме, во рамките на можностите секогаш да наоѓаме решенија.

Имате ли сознанија, што сè  ќе содржи Законот за амнестија и кој сè  ќе биде опфатен?

Заев: Тоа што јас го знам е од претставниците на Социјалдемократскиот сојуз. Синоќа на Извршен одбор на партијата, бев информиран за деталите. Законот за амнестија, којшто веќе се дебатира, веројатно ќе се оформи до крајот на неделата, почетокот на идната недела, како што планираат пратениците заедно со службите, и има конечна цел, да донесе помирување, подавање на рака, помеѓу највисокиот орган во државата или Собранието на Република Македонија, а со конечна тенденција да тоа продолжи по вертикално ниво и кај навивачките групи и во општините и кај подмладоците во партиите и насекаде. Таа е конечната цел.

Самиот Закон, прави јасна дистинкција, разграничување, што значи учество во насилството, зборува за маскираните луѓе во насилството, што значи тие што кренале рака и употребиле насилство, што значи организацијата или осмислувањето на настанот. Веројатно самиот Закон ќе испрати порака на помали казни, дури и за тој дел. Значи, амнестија за сите, коишто не учествувале во насилство, или не биле организатори, да, во самиот Закон е проектирана. Но и самите членови во Законот, коишто доведуваат до идното казнување, нема да бидат тероризам, со над 10 години казни, веројатно ќе бидат со помали почетни казни, но казни ќе има, заради тоа што секој систем на казнување во целиот свет, ја има целта да ја испрати пораката, да не се повтори никогаш повеќе.

Сето тоа, значи јасна дистинкција дека се носат политички одлуки, со целата своја одговорност. Јас ја отворив оваа работа во Парламентот и верувам дека ќе успее да помогне во Македонија, за ова толку потребно помирување, кое што ни е потребно во државата, но истовремено ќе ја испрати пораката дека казнувањето мора да опстои, но и најважната порака на немешање во правосудството. Значи, Парламентот ја носи одлуката, согласно донесениот Закон веројатно така ќе се носат и одлуките во правосудството, но немаме никакво мешање што ја става Македонија на сигурна позиција. Да разграничи, што е одлуки на правосудството, обвинителството и на судовите, а што е одлуки на Парламентот или политичкиот дел од власта, заедно со извршната власт, во делот на постигнувањето на ваквите аспекти. Уште еднаш, да потенцирам, дека тоа го правиме во време, во кое што сите стоиме, барем за две заеднички цели, интеграцијата во НАТО, интеграцијата во Европската Унија. Сега е моментот, да направиме чекори и да постигнеме помирување во државата, затоа што таму каде што има ги има слогата и единството, може да очекуваме и поголеми успеси за Македонија.

Лидерот на опозицијата Мицковски ве повика на ТВ дуел…?

Заев: Вие го знаете мојот став, јас ќе го повторам: Во секое време, на секое место. Може да избере медиум, јас сум демократ човек, секојпат на располагање. Но чесно е, ако одиме на дуел да го каже својот став. Шеф на опозиција е. На најголемата опозициска партија. Нека каже дали е за членство на Македонија во ЕУ и НАТО, преку поддршка на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција. Или нека ја каже неговата алтернатива. Тоа е обврска. Јас бев исправен пред таа одлука, ја донесов одлуката, во време кога 17 отсто од граѓаните даваа поддршка. Штом ќе го даде одговорот на ова прашање, и ќе ја понуди алтернативата, веднаш нека го избере медиумот кој го сака. Дебатата е дел од демократијата, тоа е обврска на сите, и прифаќам во било кое време  на било кое место.

Премиере, по уставните измени, Каменос најави оставка, дали тоа може да го загрози договорот од Преспа?

Заев: Јас негувам доверба кон премиерот Алексис Ципрас, кон грчката влада и кон грчкиот народ, вклучително и опозицијата во Грција, па и господинот Каменос, кој што е дел од владата. Треба да дадат шанса на еден ваков историски договор, поради тоа што договорот е добар за двете земји, за двата народи, и верувам дека бенефитите од неговата имплементација ќе се видат во следните месеци.

Јас сум убеден дека довербата која што ја имам во Алексис Ципрас ќе биде имплементирана во Парламентот, како што јас се трудам, довербата што Алексис Ципрас ја има кон мене и кон владата во Македонија, да биде имплементирана во Парламентот.

Сериозен и суштествен е процесот кај нас. Ниту јас, како најупатен човек не можам да гарантирам дека ќе успее македонскиот Парламент, но тоа што можеме да го направиме, го правиме и ќе продолжиме да го правиме со максимално инклузивен процес, токму овие процеси успешно завршат некаде во средината на Јануари.

Сигурно видовте колку сме инклузивни, и треба да појасниме на сите да знаат, дека еве не излегоа мечки во амандманите, нема ништо скриено, нема ништо закукулено, замумулено. Тоа беа. Дебатите тие се. Чесен пристап на имплементацијата на договорот од Преспа.

И видовте дека имаме инклузивен процес, и од албанската заедница, тоа што во преамбулата оставаше впечаток дека живеат во рамките на границите, како времено да се тука граѓаните од помалку бројните заедници, веднаш го прифативме.

Во делот на грижата на државата кон својата дијаспора, ја вклучивме целата дијаспора, не само македонскиот народ. Многу важното прашање во првата реченица од амандманот 36 или членот 49, став 1, го зајакнавме македонскиот идентитет, таму има плус уште еден инклузивен збор внатре.

Јас верувам дека пратениците тоа ќе го поддржат, поради тоа што тие го предлагаа, а претходниот пат не гласаа во Парламентот. Навистина имаме инклузивен процес, поради тоа што е важно за Македонија, важно е за сегашните и идните генерации, важно е за иднината на нашата земја.

Премиере, дали единствен начин да се изгласаат уставните измени е амнестијата? Дали за овој закон сте го консултирале меѓународниот фактор? Што мислат тие за овој закон, и дали вие лично му простивте на господинот Муковски што ја отвори вратата и го ризикуваше и вашиот живот? И уште едно, денеска се изгласа  информација за армијата на Косово, што би значело тоа за регионот, дали станува посигурен или обратно ?

Заев:  Ќе се потрудам да бидам максимално краток. Јас отидов на суд како сведок. И таму во записник нотирав дека сум простил. Нека е простено и од Господ, но јас не сум правниот систем во државата.

Правосудството ќе ги носи своите одлуки. Тоа што зависи од мене го отворив и на пленум на тој 15 октомври, поради тоа што го чувствувам. Чувствувам дека закрвеноста помеѓу брат со брат, толкавата поделеност мораме да ја отстраниме, тоа е наша обврска.

Можеме ние да коментираме сè што сакаме во државата. Но некој има и одговорност и обврска во оваа земја.

Номинирав дека очекувам и политички последици. Времето ќе ги покаже тие политички последици.

Но ако ја постигнеме целта, да се обединиме, верувам дека ќе успееме. Секако дека е консултирана меѓународната заедница. И тоа што меѓународната заедница го испраќа како порака, тука е рамката на движењето.  Влијание и мешање во правосудството, никако. Затоа што ние и со 120 гласа да ги изгласаме уставните амандмани, ако направиме влијание во правосудството, тогаш имаме земји членки кои што тоа ќе го користат како аргумент, и проширувањето т.е. почетокот на преговорите со Македонија,  веројатно ќе биде доведено под прашање. Тоа нема да дозволиме да се случи.

И затоа, во консултација со земјите членки, со меѓународната заедница, ги носиме ваквите акти, и дури правиме јасна дистинкција,  што значи одговорноста, што значи учество во толпа, што значи манипулативноста од одредени структури, што значи некои луѓе да биле излажани, изманипулирани во тој дел кога се случуваше овој грозоморен настан.

Еве ако Заев бил првата мета, нека тргне простувањето од мене. Ако парламентот бил кулминацијата на нашата поделеност, нека тргне од парламентот.  Но во име на конечната цел, мораме да успееме да си ги помириме граѓаните, да подадат рака, и ако успееме тоа да го надминеме, верувам дека Македонија ќе има дополнителни проценти во својот раст и развој. Тоа го очекуваат сите граѓани.

Во делот за Косово, не сум слушнал за одлуките. Јас знам дека и ставот на НАТО е тој, не е време. Не ни требаат нови тензии. Уште еднаш да не заборавиме, дека Балканот нема намера да биде буре барут. Апелирам до колегите, до премиерите, до претседателите на државите, да внимаваат на своите чекори поради тоа што наша заедничка обврска како 6 земји од Западен Балкан, кои што имаме аспирации за членство во ЕУ, да ја унапредиме економската соработка, регионалниот развој и раст, да обезбедиме траен мир, и да имаме интеграција во ЕУ.

Апелирам и оние другите мерки кои што постојат, во делот на царините, да ги преиспитаме, да се вратиме, да ги почитуваме меѓународните организации и договори кои што ги маме, поради тоа што наша обврска е да ја зголемиме соработката.

Ако политичарите бидат повнимателни во своите изјави и чекори, јас верувам дека овој дел на Балканот, вклучително и нашата Македонија, но и соседите, ќе се движиме во вистинска насока.

Прочитајте повеќе

Царинска управа колаж медикаменти

Царинска управа: Спречен шверц на 1,7 тони медикаменти штетни по здравјето на граѓаните

Царински службеници на влез на Меѓународен Аеродром Скопје спречија шверц на 1,7 тони медикаменти, Силденафил …