Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес одржа состанок со своите колеги од ПЕС (Партија на европските социјалисти). На состанокот кој заради вонредната состојба со коронавирусот се одржа во форма на видеоконференција, лидерите на европските социјалдемократи и социјалисти ги презентираа мерките кои се преземаат во нивните земји и ги споделија најдобрите практики.

На состанокот Заев ги презентираше мерките кои владата предводена од СДСМ ги има преземено до овој момент и мерките кои ќе се преземаат во зависност од тоа како ќе прогресира ситуацијата со коронавирусот.

Еден од главните фокуси и практики се насочени кон зачувување на работните места во услови на очекувана економска криза и рецесија, како и одржување во кондиција на реалниот сектор преку субвенции и мерки кои ќе му овозможи на секторот брзо окрепнување. Заев ги презентираше мерките со кои на сите вработени во приватниот сектор ќе им се гарантира минимална плата субвенционирана од државата, како и даночни олеснувања за сите компании зафатени од кризата.

За прв пат на ниво на ЕУ се размислува за воведување на Европски здравствен фонд и Европски фонд за невработени. како одговор на очекуваната криза и неопходна поддршка на здравствените и социјалните системи низ цела Европска унија. Сите се согласија дека ЕУ ќе мора да биде флексибилна, прагматична, брза и достапна за државите членки, но и за државите кандидатки.

Лидерите на ПЕС се согласија дека солидарноста е основна димензија која сега мора да ги обедини сите на континентот и дека ќе продолжи на дневна основа размената на позитивни практики со цел брзо и ефикасно надминување на кризата.