Заев: Направете место за жената во општеството!

Заев: Направете место за жената во општеството!

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска присуствуваше на Маршот во чест на 8.Mарт, што традиционално го организира Форумот на жени на СДСМ.

Претседателот на СДСМ, Заев посочи дека Република Македонија успешно се гради во едно општество за сите, во кое што жените имаат и мора да имаат значајна улога.

„Кога во нешто силно се верува, тоа се остварува. Создадовме едно цело, сите, и жени и мажи, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, други – едно општество за сите. Општество на кое му се потребни различностите, затоа што такво е успешно, така може да се надминува и развива себеси.

Жените се неопходни во сите процеси што ги отворивме во општеството, и како наставнички и како негувателки и професорки, и како лекарки и како медицински сестри, и како работнички и како бизнисменки, и како земјоделки, и како судијки, и како новинарки, и како градоначалнички, и како министерки, и како домаќинки, и како ангажирани во јавниот и општествен живот, затоа што основната клетка на едно општество е семејството“ рече во обраќањето претседателот Заев.

Тој повика на заедништво и на надминувањето на предрасудите околу статусот и улогата на жената во општеството.

„Секогаш кога зборувам за правата на жените се потсетувам на една многу реална, инспиративна констатација на “челичната лејди“, на познатата британска премиерка, Маргарет Тачер.

Таа вели: „Секоја жена која ги разбира проблемите на водењето на домаќинството, подобро ќе ги разбере проблемите на водењето на државата“.

И затоа не треба да бегаме од тоа дека системските пропусти низ годините и предрасудите оставија многу жени без општествен ангажман, или во потчинета улога во семејството. Но, ако сме заедно, и жени и мажи, и ако успеавме да се избориме за демократски промени, заедно, убеден сум дека ќе се избориме – и за правичното и праведно место на жената во општеството, она кое таа ќе го избере, дома или во јавниот живот. И дека ќе успееме да се справиме со предрасудите за улогата на жената, со коишто се уште се соочува и светот, а реков, си знаеме дека постојат и во нашата држава“, додаде претседателот Заев.

Тој констатираше дека денешниот Марш е ДА за жената, за нејзините општествени, граѓански, социјални и политички права и НЕ за обесправеноста и насилството врз жената во семејството и на работните места.

„Од секое ДА и секое НЕ треба да ги извлечеме сите неопходни поуки, и да кажеме и жената и мажот имаат еден исти заеднички именител, а тоа е зборот ЧОВЕК“, повика претседателот Заев

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …