Заев по повод Денот на царината: Модерното царинско работење е поттик и важен предуслов за унапредување на меѓународната трговија на земјата

Заев по повод Денот на царината: Модерното царинско работење е поттик и важен предуслов за унапредување на меѓународната трговија на земјата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменичка на министерот за финансии Ширет Елези и директорот на Царинската управа на РСМ, Ѓоко Танасовски, денеска учествуваше и се обрати на настан организиран по повод Денот на царината и 27 години од постоење на Царинската управа на Република Северна Македонија.

Свечениот настан во Националната Филхармонија во Скопје, го отвори претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев кој истакна дека одбележувањето на овој ден е значаен за државата и за граѓаните, бидејќи Царинската управа и царинските работници се првиот контакт со земјата – тие се лицето на Република Северна Македонија, а царинското работење е поттик и важен предуслов за унапредување на меѓународната трговија на земјата.

Премиерот Заев на царинските службеници им го честита одбележувањето на Денот на Царината и порача дека Владата ќе продолжи со поддршка и промовирање на сите соодветни инструменти, иницијативи и алатки за развој на Царинската управа, преку дигитализација, автоматизација, без-хартиено работење и градење на капацитети.

„Денеска го одбележуваме 14-ти април – Денот на царината и 27 години од постоење на Царинската управа на Република Северна Македонија. Како резултат на посветено и чесно работење Царинската управа се покажа како сериозен и еден од најголемите учесници во полнењето на приходни приливи во Буџетот на нашата држава. Република Северна Македонија и регионот се соочуваат со предизвик на голем раст на бројот на патници и обем на стока во услови кога има технологија која го менува економското окружување каде делува Царинската управа. Владата на Република Северна Македонија во креирањето политики ги зема предвид предизвиците како да обезбеди брзо и непречено преку-гранично движење на стоки, патници и транспортни средства“, рече премиерот Заев.

Пред присутните се обрати и заменик-министерката за финансии Ширет Елези, која во своето обраќање на царинските службеници им ги честиташе постигнатите резултати  и истакна дека министерството за финансии и Царинската управа ќе продолжат во спроведувањето на реформите, бидејќи како што рече, само заедно можат да одговорат на новите предизвици, како резултат на брзата глобализација на трговијата и финансиските системи.

„Креирањето на поволна бизнис клима е клучно за економскиот развој. Нашата работа е да обезбедиме безбеден, праведен и одржлив систем. Тука, една од главните улоги ги има Царинската управа. Една од основните функции на Царинската управа е и зачувување на финансиските интереси на државата, и оваа функција Царинската управа успешно ја реализира. Во 2018 година, вкупните приходи се за 11% поголеми од наплатата што ја реализира Царинската управа. Нашата заложба е негување и унапредување на односите со деловната заедница, во насока на подобрување на услугите за компаниите“, истакна заменик-министерката за финансии Елези.

Директорот на Царинската управа, г-дин Ѓоко Танасоски, во своето обраќање упати честитки до царинските службеници, при што даде осврт на резултатите и активностите на Царинската управа во текот на изминатата година.

„Годинава, Царинската управа посвети повеќе внимание на најзначајниот и најкомплексниот развоен проект наречен Дигитална царина и ако лани најавивме дигитализација, оваа година не очекува реализација, 2018 година ја обележаа неколку крупни проекти од различни области, кои доведоа до огромен напредок и модернизација“, подвлече директорот Танасовски.

Во рамки на овогодинешното одбележување на царинскиот празник и како дел од подготовките за влез во Европската унија, презентирано беше видео на кое се претставија придобивките од воведувањето на новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи. Покрај ова, присутните имаа можност да погледнат и видео во кое беа претставени спецификите на неколку царински постапки, што се применуваат при увоз, извоз и транзит на стоки од и во државата.

На традиционалната свечена церемонија за денот на Царината беше искажана благодарност на институции и поединци кои со својата работа дадоа придонес за успешната работа на Царинската управа и поддршка на реформите во царинското работење. Од името на Царинската управа, директорот Танасоски додели признанија во вид на плакета и пофалница на царинските службеници и компании со кои соработува Царинската управа за постигнати исклучителни резултати во работењето, со што придонесуваат кон порационално, поефикасно и поквалитетно работење.

Прочитајте повеќе

Велибор Џаровски – Џаро

Почина Велибор Џаровски – Џаро

Еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија почина на 75 години, по кусо …