Заев вети – метлата мети!

Заев вети – метлата мети!

Пишува: Зоран Милошески

После 24 месеци централна и 18 месеци локална власт, владејачкиот СДСМ подвлече црта. Или подобро кажано, Заев рече:„Другари, ја прекардашивте“. И не метлата, туку го зеде партискиот сатар и – пресече.

Неподелено беше мислењето на граѓаните за неопходноста од генерален ремонт во партијата. И тоа на секое ниво. Оти од победата на локалните избори па наваму, аздисувањето на истакнати и помалку истакнати партиски функционери, секојдневно земаше сѐ посилен замав. И тоа почнувајќи од најниските ешалони, од претседателите на месни организации, сѐ до носителите на највисоките функции во зградата на „Бихаќка“.

Притоа, преку социјалните мрежи, партиски активисти, приврзаници на социјалдемократската опција, учесници во „Шарената револуција“, секојдневно со факти и аргументи јавно ги објавуваа скандалите и гревовите на “другарите од Комитетот“. И иако до најситни детали знаеше сѐ за континуираното урнисување на партискиот, но и на неговиот личен рејтинг, реакцијата на најмоќната политичка фигура во државата долго време, предолго, изостануваше.

Со фактот дека половината членови на Извршниот одбор, практично беа носители на некаква функција – по еден претседател и заменик претседател, тројца секретари и шестмина потпретседатели, СДСМ повторно го врати непопуларниот имиџ на “салонска“ партија. Знаеше ли некој до вчера да ги каже имињата на шесте потпретседатели? Има ли јунак кој ќе каже два убави збора за довчерашниот Генерален секретар? Наместо ефикасност во работењето и зајакнување на капацитетите на општинските организации, централното партиско раководство прерасна во трома, инертна и зарѓана машинерија, чија комуникација со членството се сведе на протоколарни средби во функција на референдумското изјаснување и претседателските избори.

Сето тоа, комбинирано со презафатеноста на Заев со надворешната политика, пред сѐ со потпишувањето на Преспанскиот договор и сето она што потоа следуваше, придонесе за губење на контролата врз внатрепартиските случувања. Последиците беа катастрофални и видливи и со голо око: башибозук, неодговорност, непотизам, губење на довербата и оддалечување од базата на завиден број партиски и државни функционери.

Зачестеното поистоветување на актуелната со претходната власт, ставањето равенство помеѓу Заев и Груевски, обвинувањата за отсуство на идеологија и стратегија за работа, наспроти желбата за брзо и енормно богатење на видни луѓе од непосредното опкружување на лидерот, стагнирањето на локалните самоуправи, сѐ погласното говорење за постоење на криминогени структури под заштита на поединци од партискиот врв… сериозно го нарушија угледот на најсветлата точка на македонското политичко небо.

И покрај победата на претседателските избори, пораката која граѓаните ја упатија до владејачката гарнитура, првенствено до премиерот и претседател на СДСМ, беше јасна: ако одма и сега, не заигра метлата во владиниот кабинет, ако не се направи генерално чистење во партијата на сите нивоа, и по хоризонтала и по вертикала, тогаш промената на власта ќе се случи на првите следни избори. Кога и да бидат и какви и да бидат.

Оттаму, разрешувањето на првите луѓе на сите 78 Општински организации, на секретарите, потпретседателите и комплетниот Извршен одбор, беше единствениот логичен след на работите кои Заев мораше да ги направи. Не само што многумина останаа изненадени од радикалниот пресек, туку мнозинството граѓани беше убедено дека најавената „операција метла“ воопшто и нема да се случи. Од тие причини, партиската чистка му доаѓа нешто како светло на крајот на тунелот…

Што понатаму?

Најпрво, брзо и ефикасно завршување на постапката за избор на нови претседатели на Општинските организации и пополнување на сите испразнети места во централното раководство, со доследна примена на пропишаните критериуми. Притоа, да не се заборави на најважниот непишан критериум: дека не постојат млади и стари политичари, туку само добри и лоши.

Конечно, час поскоро, метлата да се пресели во зградата на „Илинденска“ и во широк лак да го замети сопствениот двор, но и дворот на коалициониот партнер, ДУИ. Оти, откако пред 17 години за прв пат влезе во извршната власт, во “домот“ на интегративците не било чистено.

Она што потоа треба да следува, се подразбира: ремонт на вториот владин ешалон, државните јавни претпријатија, агенциите, како и на сите други владини институции надолу по хиерархиската скала, за да на крајот се дојде до локалните самоуправи. Каде, како што стојат работите, ќе треба да заиграат метлите со подолги рачки.

Првите потези на Заев ја навестуваат неговата намера работата да ја истера до крај. И тоа неселективно и на сите полиња, колку и да тоа до пред само некој ден изгледаше утопистички и ѓаволски тешко. Меѓутоа, и најдолгиот пат започнува со првиот чекор. А тој беше толку решителен и “тежок“, што одекна од Делчево до Дебар, од Куманово до Битола, од Галичник до Река.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …