Заев: Започнува комплетна санација на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион (ВИДЕО)

Заев: Започнува комплетна санација на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион (ВИДЕО)

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со директорот на ЈП Колекторски систем Владимир Алексијоски, и советникот во Канцеларијата на претседателот на Владата на РСМ Дејан Николовски, направија увид во состојбата на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион и го најавија за старт на работите за негова комплетна санација.

После неполна година подготовки и барање најдобри решенија и финансиски средства за реализација, објавуваме дека започнуваат работите на санација на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион за прочистување од наслагите и корењата од дрвјата и рехабилитација на цевководот на колекторот, истакна Заев, по увидот во состојбата на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион.

„Една од обврските на кои им пријдов со посебно  внимание и посветеност уште на стартот на мојот мандат како премиер, беше решавањето на сложениот и сериозен проблем кој го затекнавме со колекторскиот систем за прочистување на отпадните води во охридско-струшкиот регион. Лошата изведба во некои делови, како и негрижата и неодржувањето на сите сегменти на колекторскиот систем за прочистување на отпадните води создадоа сериозна еколошка опасност за Охридското Езеро и за приодните убавини и реткости во неговото опкружување.

Иако сознанијата за последиците биле познати со години наназад, најдраматичната слика за тоа во колку лоша состојба е целиот систем, дојде од стручната анализа на една јапонска компанија во 2014 година. Со роботизирана технологија е снимена состојбата на сите 37 километри од цевководот на колекторот, утврдена е состојбата на 18-те препумпни станици и состојбата на пречистителната станица во Враништа, струшко.

Констатирано е дека на неколку места колекторот речиси и да не постои заради лошата изведба и неодржувањето на бетонскиот цевковод. Во поголем дел колекторот е запушен или слабо пропустлив заради насобрани наслаги од отпад и заради корења на дрвја. Атмосферската и канализационата мрежа, како дел од колекторскиот систем за прибирање и насочување на водите кон пречистителната станица, е исто така во лоша состојба. Од 18 препумпни станици само една или две работат повремено, а самата пречистителна станица е речиси без функција бидејќи не се сервисирале и не се заменувале дотрајаните делови.

Велам, иако овие состојби биле познати од поодамна, не било ништо преземено и од 2014 година после студијата на јапонската компанија. Во 2017 година, уште во првите три месеци по конституирањето на овој состав на Владата, ние рековме дека ќе преземеме сериозни и итни мерки. Охридското Езеро, општините Охрид и Струга, како и целиот регион регистриран во УНЕСКО до  степен од посебно значење за светското природно и културно наследство, и затоа заслужува посебни мерки на заштита.

После анализите што беа направени, од кои добивме јасна слика каква е состојбата, јас, како премиер и неколкумина советници во мојот кабинет, во соработка со претставници на локалните самоуправи од Охрид и Струга, како и по консултациите со првите луѓе од „Проаква“, компанијата во чија надлежност беше управувањето и одржувањето на колекторскиот систем, излеговме пред Владата и укажавме дека тие посебни мерки на заштита опфаќаат и создавање на посебно, издвоено Јавно претпријатие колекторски систем кое ќе ги реши со години натрупаните проблеми. Помогнавме да се порамнат долговите на ЈП „Проаква“, како и долговите на општините кон ова претпријатие за да добиеме чист старт за новото ЈП Колекторски систем.

Денес, после неполна година подготовки и барање најдобри решенија и финансиски средства за реализација, објавуваме дека започнуваат работите на чистење на колекторот од наслагите и корењата од дрвјата и санација на цевководот на колекторот.

Дополнително ќе се поправат или ќе бидат заменети сите редуктори на сите 18 препумпни станици, ќе се санира целиот систем за прочистување на отпадните води во пречистителната станица и ќе се изврши комплетно чистење на атмосферската и канализационата мрежа во должина од околу 300 километри во Охрид и Струга. За оваа намена се обезбедени 4,2 милиони евра од Буџетот на граѓаните на нашата земја.

Охридското езеро и заштитеното подрачје опфатено со УНЕСКО се наша гордост, но и грижа на сите нас, и затоа следува комплетна санација на колекторскиот систем. Нашата намера е да покажеме дека знаеме и дека се грижиме за нашите скапоцености, и тоа оваа Влада ќе го докаже, изјави премиерот Заев“

Дејан Николовски, советник во Канцеларијата на Претседателот на Владата, истакна дека наместо да работат, компаниите во чија надлежност било и одржувањето и функционирањето на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион само го трупале долгот којшто достигнал 1,2 милијарди денари, не ги наплаќале долговите кои достигнале висина од 850 милиони денари и ги пренаменувале парите на други дејности само не во функција на редовно и одржливо работење на системот што ги чисти отпадните води што завршуваат во езерото и во реката Црн Дрим.

„Најлоша констатација е дека се немало сенс да се санира катастрофалната состојба со колекторскиот систем, да се издвојат 4,23 милиони потребни за да се решат овие проблеми. Користени се за разни намени, за фасади и споменици, но не и за решавање на овој проблем, кој бил закана на природното богатство што го имаме и што е под заштита на УНЕСКО. Новиот менаџмент (на ЈП Колекторски системи) ќе продолжи да работи на решавање на состојбата и на одржување на системот за никогаш да не се повтори оваа ситуација“, рече Николовски.

Директорот на ЈП Колекторски систем Владимир Алексијоски рече дека  благодарение на Владата на РСМ, којшто ги поддржа сите иницијативи на ЈП Колекторски систем од основањето на почетокот на оваа година, за една година овозможи да се започне со санација на колекторскиот систем за прочистување на отпадните води и фекалните води во Охрид и Струга.

„Наредната туристичка сезона ќе отпочне без тековните проблеми со кои се соочивме. Со средствата издвоени од Владата на Северна Македонија ја започнавме постапката за санација на колекторскиот систем. Сите точки каде што имавме целосно запушување на цевководот ќе бидат пробиени и ставени во функција. Со технологијата „цевка во цевка“ ќе се подобри протокот на фекалните води, ќе се изврши санација на редукторите на препумпните станици, за да се обезбеди целосно пренесување на фекалиите до пречистителната станица која повеќе од една година воопшто не функционираше“, информираше директорот на ЈП Колекторски системи Владимир Алексијоски.

 

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …