Законот за заштита на Матка десет месеци чека да се изгласа во Собрание

Законот за заштита на Матка десет месеци чека да се изгласа во Собрание

Изгласувањето на законот во Собранието треба да е последниот чекор за едно од највредните природни богатства да биде репрогласено како споменик на природата и да ја добие заштитата која ја заслужува

Десет месеци откако Владата го усвои Предлогот на законот за прогласување на Кањон Матка за заштитено подрачје во категоријата III – споменик на природата, постапката сè уште не е завршена. Изгласувањето на законот во Собранието треба да е последниот чекор за едно од највредните природни богатства да биде репрогласено како споменик на природата и да ја добие заштитата која ја заслужува, но и по толку време законот сè уште не се нашол на дневен ред пред пратениците.

„Законот за прогласување на Кањонот Матка за заштитено подрачје е правен акт со кој се дефинира заштитеното подрачје и категоријата на заштита по зони, како и идното управувачко тело. Истиот е во собраниска процедура на усвојување за која не утврден рок на завршување“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Матка, која претставува уникатен природен резерват, заштита нема речиси две децении. Отсуството на заштита беше нотирано и во последниот Извештај на Европската Комисија за 2023 година за напредокот на Република Северна Македонија, во делот за заштита на природата, каде се посочува дека процесот за прогласување на Студенчишко Блато, Кањонот Матка, Охридското Езеро и Белчиското Блато за заштитени подрачја допрва треба да заврши.

Матка е прогласена за споменик на природата уште во 1973 година, но Законот за заштита на природата од 2004 година пропиша сите заштитени подрачја кои се утврдени врз основа на стари закони одново да се препрогласат. Постапката за подрачјето започна уште во 2010 година, а во 2014 година имаше и изготвен Предлог-Закон, но долги години процесот се соочуваше со кочници. Се спореа границите на зонирањето, како и моделот и телото за управување.

Од Министерството за животна средина информираат дека по донесувањето на законот ќе треба да се донесе и Планот за управување, со кој ќе треба да бидат регулирани и активирани сите механизми за заштита и управување со подрачјето. Од таму посочуваат дека до стапување во сила на законот, со подрачјето управува Град Скопје, но не дефинираат како е уредена таа активност.

Според предлог законот, Матка е поделена на неколку зони, зона за строга заштита, зона за активно управување, зона за одржливо користење и заштитен појас. Зоната на строга заштита опфаќа речиси 39 отсто од подрачјето во кое спаѓаат четири поголеми области, Козјак, Добрашија, Матка – Врело и Плоча.

Во овој дел е забрането спроведување на активности со коишто се загрозува изворноста на природата и нарушувањето на природната рамнотежа, а во зоната за строга заштита дозволени се научно-истражувачки активности, доколку тие не се во спротивност со примарните цели на заштита на подрачјето.

Во меѓувреме, додека е нејасно зонирањето, заштитата и управувањето, Матка се соочи со инвазија на диво изградени објекти и платформи, узурпација на просторот и загрозување на природните реткости, ретки и ендемични видови на растенија и животни, меѓу кои и египетскиот и белоглавиот мршојадец, кои се на црвените листи на загрозени видови.

Кањонот Матка е вклучен во Националната Емералд мрежа на подрачја од посебен интерес за зачувување на Европската Унија, а бројните видови од Кањонот Матка се вклучени на прилозите на Директивата за зачувување на природните живеалишта на дивата флора и фауна.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Портокаловата фаза ги препоти граѓаните

Портокаловата фаза ги препоти граѓаните

Од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува излегување и вршење напорна активност од 11 до 17 …