Јапонската Тојота, Нокиан Тajрс од Финска, германскиот Континентал, Тотал енерџи и Лерој Мерлин од Франција, шведска Икеа, Смарфит Капа од Ирска, Сваровски од Австрија. Сите овие компании делумно или целосно се повлекоа од Русија или најавија повлекување од рускиот пазар, во текот на само еден месец, поточно во март 2023 година.
Всушност, и Фолксваген треба да се најде на листата. Во средината на март, најголемиот европски производител на автомобили беше многу блиску до одлука да го затвори или продаде својот производствен погон во Калуга, но рускиот суд го „замрзна“ имотот на Фолксваген во земјата. А, тука е и Хенкел – уште во февруари, германскиот концерн објави дека има намера да продаде единаесет свои фабрики во Русија до крајот на првиот квартал годинава.
Повлекувања по агресијата врз Украина
Врз основа на ова, може да се претпостави дека станува збор за нов голем бран на заминување на западните компании од Русија. Првиот и најголем бран се случи на крајот на февруари и почетокот на март 2022 година. По рускиот напад на Украина, бројни странски компании ги замрзнаа своите бизниси на рускиот пазар. Ги затворија своите филијали, го запреа производството, ги прекинаа инвестициите и извозот во Русија – и почнаа да следат како работите ќе се развиваат натаму.
Сепак, не мал број компании уште тогаш, пред една година, решија што поскоро да ѝ го завртат грбот на Русија и едноставно да ги отпишат своите загуби. На пример, британскиот концерн БП, американскиот Мекдоналдс, германските Дајмлер Тракс и Оби и францускиот Рено. Во мај Французите го префрлија својот мнозински сопственички удел во Автоваз (производител на Лада) на рускиот автомобилски истражувачки институт НАМИ, а фабриката во Москва буквално ја предадоа на градските власти.
Во октомври од Русија се повлекоа и некои други производители на автомобили. Германскиот концерн Мерцедес-Бенц, американскиот Форд и јапонскиот Нисан – кој, инаку, бесплатно му ги предаде својот погон и истражувачкиот центар во Санкт Петербург на НАМИ. Како „купувачи“, односно „приматели“ на западните бизниси, често на сцена стапуваа членовите на локалното раководство, односно луѓе кои добро ги познаваат производните погони на терен, но во повеќето случаи немаат доволно капитал за да им платат на западните продавачи, односно знаење да продолжат технолошки да ги развиваат новостекнатите фабрики.
Овој нов, актуелен бран на повлекување на западните компании повторно особено ја погодува руската автомобилска индустрија, особено нејзиниот (пред војната во Украина) најуспешен кластер – во Калуга, југозападно од Москва, односно во пошироката област на Санкт Петербург.
Зошто Москва го одобрува повлекувањето на западните компании?
Како што изгледаат работите, се чини дека некои западни инвеститори наоѓаат можност (или добиле дозвола) да добијат барем малку пари за нивниот имот во Русија. Некои други практично бесплатно мораа да го предадат својот имот на локалните актери, за да можат на „чист“ начин да ја напуштат Русија, без страв од можни тужби. Во некои случаи е оставена отворена можноста за враќање на компанијата во Русија или барем враќање на дел од имотот.
Затоа се поставува прашањето: каква логика притоа следи Москва? Зошто Кремљ (или, како што се шпекулира, самиот Владимир Путин) им го дозволува тоа на компаниите од „непријателските држави“ на Запад? Зошто им дозволува да продаваат на локални, значи руски фирми? И зошто токму сега, една година по почетокот на агресијата на Украина, одеднаш нагло се зголемува бројот на издадени дозволи? Дали е тоа случајност или тренд?
Во прилог на тезата за случајност оди аргументот дека овие работи се подготвувале веќе подолго време. На пример, Тојота во септември минатата година објави дека дошол крајот на нејзината фабрика во Санкт Петербург. А фактот дека понекогаш процесот на продажба може да потрае и до една година го докажува примерот на шведската компанија Икеа. Швеѓаните ги затворија своите фабрики и продавници веднаш по почетокот на руската инвазија на Украина, но последната од трите руски фабрики ја предадоа на нов сопственик пред само неколку дена.
Што е со Фолксваген?
Приказната околу Фолксваген е необична. Неговата голема фабрика во Калуга е затворена од почетокот на март 2022 година, но германскиот автомобилски гигант очигледно не сакаше да го следи примерот на Рено – иако финансиски гледано, Фолксваген лесно можеше да се справи со бесплатното предавање на своите фабрики на руската држава. .
Наместо тоа, концернот од Волфсбург чекаше цела година (за крајот на војната?), додека на 1 март 2023 година не потврди дека преговара за продажба на својата руска актива, а на 15 март нагласи дека има намера да ја „заклучи релативно брзо“ таа работа. Но, во тој момент ГАЗ, поранешен партнер на Фолксваген, со кого Германците ја прекинаа соработката во летото минатата година, веќе поднесе тужба против Германците за исплата на отштета. Така, на 17 март имотот на Фолксваген во Русија беше „замрзнат“ со судска наредба.
Тешко, исклучително тешко е да се поверува во сценариото според кое производителот на автомобили ГАЗ и неговиот сопственик, рускиот олигарх Олег Дерипаска, човек близок до Кремљ, а во исто време човек чие име е на списокот на западните санкции, самоиницијативно ја покренаа таа тужба, без консултации со рускиот државен врв.
Може да се претпостави дека Москва свесно сака да го одложи процесот на продажба на имотот на Фолксваген во Русија. Но, со која цел? За на германските инвеститори, кои некогаш ги држеа како „капка вода на дланка“, да им се „одземат“ што повеќе милиони? Или тоа се случува од внатрешно-политички причини, за да се одложи едно непријатно признание?
Факт е, имено, дека и по посетата на шефот на кинеската држава Ши Џинпинг на Москва, на повидок се уште ги нема толку многу посакуваните кинески производители на автомобили кои би можеле да ја пополнат дупката создадена со повлекувањето на Фолксваген. И поради ова, кластерот во Калуга го очекува вртоглаво пропаѓање во наредните месеци.