Железница работи на идејно решение за пругата што ќе се гради до Меѓународниот аеродром Скопје

Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ во моментов изработува идејно решение за изградба на нов железнички крак од постојната пруга Скопје-Куманово до Меѓународниот аеродром Скопје, информираше директорот на ова претпријатие Хари Локвенец во гостувањето во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“. Директорот на Железници-Инфраструктура очекува дека изградбата на овој железнички крак може да се заокружи во 2023 година.

Во меѓувреме, „Мета.мк“ од крајот на јануари до денес во три наврати постави прашања, но не доби одговор од Министерството за транспорт и врски до каде е постапката за добивање одговор од Делегацијата на Европската Унија во однос на поднесениот инвестиционен план за изработка на Студија за изградба на железничкиот крак до аеродромот, која е планирано да се финансира со средства од новата ИПА III програма на ЕУ.

Имено, изработката на консултантската и проектната документација треба да следи откако воведувањето на аеродромскиот воз влезе како проект во Програмата за работа на Владата за периодот 2020-2024 година, а претходно проектот беше вклучен и во Националната транспортна стратегија за периодот 2018-2030 година. Меѓу другото, со овие документи треба да се утврди финалната траса по која ќе се гради железничкиот крак и економската оправданост за неговата реализација.

Постојат две опции за изградба на железничкиот крак до Меѓународниот аеродром Скопје: првата почнува од железничката станица Илинден, а втората траса од железничка станица Миладиновци до идната станица на аеродромот. Првичната проценка изнесена во Националната транспортна стратегија на земјава е дека проектот ќе чини 30 милиони евра, којшто ќе ја опфати изградбата на железничкиот крак и идната станица на аеродромот.

„Мета.мк“ во неколку наврати во изминативе две години пишуваше за предностите од воведувањето на аеродромскиот воз. Од Транспортниот центар во центарот на Скопје до аеродромот би се стигнувало два пати побрзо, со билет што би бил четири пати поевтин, а со возот би можело да се превезат пет пати повеќе патници. Воедно, овој воз би можеле да го користат и жителите од општините Илинден, Миладиновци и Гази Баба во рамките на идејата за воспоставување на градско-приградска железница во Скопје.

Идниот железнички крак до Меѓународниот аеродром Скопје би можело да се користи и за застанување на патничките возови меѓу Скопје и Куманово, која е втора по големина општина во земјава.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …