Украина Бахмут уништено оружје

Жестоки борби меѓу украинските и руските сили кај градот Авдивка

Русија се обиде да отпочне офанзива за обиколување на овој град во близина на Донецк, но засега претрпува големи загуби

Руските и украинските сили водат жестоки борби во околината на градот Авдивка во Донецкиот регион, пренесува весникот Гардијан. Русија се обиде да отпочне офанзива за обиколување на овој град во близина на Донецк, но засега претрпува големи загуби. Поради тоа, Русија сега применува и силни воздушни напади на Авдивка. Украинскиот генералштаб информираше дека само во изминатово деноноќие биле убиени 800 руски војници во борбите долж целиот фронт во Украина.

Русија продолжи и со ракетирањата на населени места во Украина. Најмалку две лица загинаа во артилериски напад врз село во близина на градот Купјанск во Харкивскиот регион. Изминатава ноќ бил извршен и напад врз критичен инфраструктурен објект во регионот Хмелницки, при што најмалку 16 украински цивили биле повредени.

Украинската противвоздушна одбрана изминатава ноќ соборила 11 дронови од иранско производство, кои биле лансирани од Русија кон неколку украински региони – Черказија, Херсон, Полтава, Житомир, Хмелницки и Миколаив. Во Херсонскиот регион руските сили во воздушни напади фрлиле 13 бомби, при што се стравува дека во еден од погодените објекти има жртви во урнатините и во моментов спасувачките екипи работат на терен.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето последно обраќање ја истакна намалената руска контрола врз Црното Море и привремените коридори за жито во Украина.

За време на говорот на самитот на Кримската платформа, украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе го задржи воениот притисок врз полуостровот Крим окупиран од Русија.

Инаку, германската новинска агенција ДПА јавува дека германскиот воен гигант Рајнметал стартуваше со работа во Украина преку заедничкиот проект со украинска државна фирма. Новата компанија Rheinmetall Ukrainian Defence Industry LLC е со седиште во Кијив, при што за почеток ќе склопува воени возила од асортиманот на Рајнметал. Германскиот гигант контролира 51 отсто од капиталот.

Германската компанија од минатата година доставува широка палета на вооружување и опрема за Украина, вклучувајќи и оклопни борбени возила.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Од француски воз била украдена торба со безбедносни планови за Олимпијадата во Париз

Инженерот кажал дека неговиот службен компјутер и двата USB-стикови содржеле чувствителни податоци во врска со …