Живот во Битола за сите!?

Живот во Битола за сите!?

Пишува: Габриела Илиевска

Секој 26 јули гледам слики и читам за уништеното Скопје. Жалам за изгубените човечки животи и избришаните соништа. Но денес, колку и да звучи непристојно, уште повеќе ми е жал за Битола. Уништена без земјотрес, потресена од “ураганот Двојче“. Извалкана, разрушена, поделена… полужива. На маргините на политичките збиднувања, со надеж дека ќе воскресне.

До пред една година, секој ден во 18 часот шетавме низ улиците на Битола, барајќи правда за неа и за битолчани. Баравме чист воздух, баравме живот, баравме да си го вратиме градот назад. Се пееше пред општинската зграда, без притоа некој да плаќа пејачи, или да бара грантови. Луѓето имаа идеали, имаа волја и желба да го запрат “ураганот“, да ги сменат работите. Баравме правда и мир. Баравме секој да има шанса да работи и егзистира во овој наш град. Баравме да запре партизацијата на институциите, да нема гнев и мачнина кај луѓето.

Откако оние кои место идеали имале желба за функција, седнаа во фотелјите, преку ноќ се заборавија и исчезнаа сите вредности за кои зборувавме. Денес кога соочени со нереализираните ветувања, повторно се актуализираат речиси слични барања, истите тие нѐ нарекуваат платеници, хејтери на кои ништо не им се погодува, се правдаат дека немаат магично стапче за решавање на проблемите. Истите тие мислат дека ако речат “извини, згрешив“ и ако потоа продолжат со истото, дека е сѐ во ред.

Не другари! Ароганцијата која им ја покажувате на луѓето кои веруваа во поубава Битола, нема да ви биде од корист. Во тие луѓе има такви кои никој не може да ги замолчи или поткупи, луѓе кои во вас видоа сојузници против доскорешното зло, кои ве донесоа на власт бидејќи им бевте надеж дека ќе бидете поразлични од претходните. Дека ќе бидете онакви како што ветувавте. Тие луѓе никому ништо не должат, освен на своите деца кои ги шетаа по улиците, за да видат и научат како со револуција се гради град. Затоа, вашето плукање по нив е смешно и срамно.

Разрушениот град се гради со љубов, така ветувавте. Наместо тоа, освен омраза, ароганција и сила, ништо друго не покажавте. Немајќи идеја како да се справите со проблемите, сѐ уште чекаме некој од Скопје да ни каже како ќе го градиме градот. Како ќе ја градиме Битола, онаа Битола во која сите заедно се колневме, а која вие ја жртвувавте за вашите лични и партиски интереси.

Владеењето со истите “финти“ на вашите претходници никому нема да донесе ништо добро. Ниту вам, ниту на битолчани. Ако подзаборавивте, да ве потсетам дека Двојче и друштвото беа сменети за истото она кое вие сега го манифестирате. Изјавите од типот “ако не пак, ВМРО да го вратиме“, нема да ви се исплатат. Граѓаните немаат нови 11 години за губење. Обидите за замолчување на поединецот како гласник на незадоволството на битолчани, нема да ви се исплати, туку само ќе го разгори револтот кај нови и нови “неблагодарници“, кои нема да имаат разбирање за вашето неодговорно владеење. Тој филм еднаш го гледавме. Како ја терате работата, на репризата нема долго да чекаме…

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …