ЗНМ: Пратениците не смеат да ги омаловажуваат и етикетираат новинарите на Телма

ЗНМ: Пратениците не смеат да ги омаловажуваат и етикетираат новинарите на Телма

Во изминатите два дена дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ како и пратеникот од Левица во своите изјави ја етикетираа ТВ Телма како „режимска телевизија“, а навреди и омаловажувања посредно или непосредно беа упатени кон новинарите и уредниците на оваа национална телевизија, се вели во соопштението на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

„Јавното етикетирање на медиумите и новинарите, посебно од страна на високи претставници на политички партии и пратеници, ја загрозува слободата на медиумите и е промоција на обиди за цензура и самоцензура. Правото на политичка дебата и правото на слободата на изразување, посебно во Собранието се важни начела преку кои се очекува пратениците преку аргументи и конструктивни дебати да носат квалитетни закони. Злоупотребата на овие права од страна на политичари за јавна пресметка со новинари и медиумите негативно се одразува на слободата на медиумите, го дисквалификува новинарскиот дигнитет на професионалните новинари и дополнително, демонстрира политичка некултура во јавниот дискурс. Освен ова, ваквиот агресивен говор поттикнува симпатизери на овие политички партии дополнително да се пресметуваат, но и да се закануваат на новинарите пред се на социјалните мрежи на интернет,“ се вели во соопштението.

Во него се додава дека „овој вербален напад упатен кон нашите колеги од ТВ Телма дополнително претставува и повреда на Кодексот за етичко однесување на пратениците.“

ЗНМ ги потсетува пратениците дека имаат должност да го почитуваат Кодексот кој во член 6 вели: „пратениците да не користат зборови и изрази со кои ќе повреди или омаловажи други лица, човечко достоинство и ќе предизвика омраза, нетолеранција и насилство“.

„Апелираме до пратениците и сите политички чинители дека доколку сметаат дека одреден медиум ги крши професионалните стандарди, секогаш можат да поднесат претставка до Советот за Етика на медиумите во Македонија и до Советот на честа при ЗНМ. Потсетуваме дека уредничката и новинарската независност е неприкосновена и таа не смее да биде ниту под притисок на политичарите, ниту под притисок на сопствениците на медиумите. Бараме новинарите да бидат настрана во пресметката на бизнис и политичките интереси, единствено водејќи се од начелата за професионално и етичко известување и од јавниот интерес,“ се додава во соопштението.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, испрати порака со оддавање почит и слава …