Јавна расправа за Нацрт-планот за управување со заштитеното подрачје Маркови Кули

Јавна расправа за Нацрт-планот за управување со заштитеното подрачје Маркови Кули

Во организација на Општина Прилеп и ЈНУ Институт за старословенска култура –
Прилеп, денеска се одржа јавна расправа за Нацрт-планот за управување со
заштитеното подрачје Маркови Кули.

Директорот на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, Бранислав
Ристески истакна дека ова претставува почеток на два паралелни меѓусебни
процеси: едниот е јавната расправа со која се добиваат релевантни податоци за
овој стратегиски и базичен документ и вториот, реноминација на привремената
листа на УНЕСКО на заштитеното подрачје Маркови Кули, како споменик на
културата и на природата истовремено.

„Со оглед на тоа дека природните содржини на Маркови Кули се валоризирани со
постоечката состојба во која споменикот на природата Маркови Кули се наоѓа на
привремената листа на УНЕСКО, вклучувањето на културните содржини на
ниеден начин не ги дерогираат претходните сознанија за природните вредности,
туку додаваат дополнителна вредност која има значење и за општествената
заедница. Неговото ставање во функција и промовирање во пошироки
меѓународни рамки, што е една од неопходните и суштетствените димензии, е
токму културното наследство“, вели Ристески.

Професорот на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет
во Скопје, Ивица Милевски рече дека во Планот за управување посебен акцент е
даден на геоморфолошките форми на локалитетот Маркови Кули.

„Посебен акцент е ставен на инвертаризација на геоморфолошките форми, на
нивната заштита, начините на понатамошно уредување на локалитетот и правци
за натамошно уредување и искористување на локалитетот, во смисла на заштита
на сето она што е уникатно. Можат да се видат одредени деградации и
девастации на природните форми. Целта е заштитеното подрачје Маркови Кули
да биде на постојаната листа на УНЕСКО и очекуваме тоа да биде првото
подрачје во Македонија врз база на типично природни карактеристики, кое во
комбинација со одредени културно историски споменици и археолошки
локалитети, ќе биде заштитено во светски рамки“, истакна професорот Милевски.

„Планот за управување е базиран на неколку студии кои што се однесуваат на
комплетното наследство кое е содржано во склоп на споменикот на природата
Маркови Кули. Тоа се пред се’ природното наследство, биодиверзитетот и
културното наследство. Во суштина, за да штитиме нешто, треба да знаеме со
што располагаме. Во прилог на тоа се предвидени активности во контекст на
инвертаризација на целото наследство, за да врз основа на тоа се изврши
мониторинг на сите појави кои се случуваат таму“, потенцираше Христијан
Талевски од Институтот за старословенска култура – Прилеп.

Проектната документацијата врз основа на која е изработен Планот за
управување со заштитеното подрачје Маркови Кули, е подготвена од страна на
експерти на Природно-математичкиот факултет и Технолошко-металуршкиот
факултет од Скопје, Природонаучниот музеј на Македонија, Институтот за
старословенската култура од Прилеп и Друштвото за заштита на природата на
Македонија.

Прочитајте повеќе

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Ова го правиме за да нема препишување, за да бидат резултатите пообјективни, но и за …