Легендарниот стрип-јунак Загор Те-неј наполни 60 години

Легендарниот стрип-јунак Загор Те-неј наполни 60 години

Љубителите на стрипот во Италија, поголем дел од Балканот и Турција деновиве ја прославуваат 60-тата годишнина од објавувањето на стрипот „Загор“, еден од најпопуларните серијали на тие простори.

Првата епизода на Загор е објавена на 15 јуни 1961 година од издавачката куќа Бонели, а дело е на сценаристот Серџо Бонели (1932-2011), под псевдонимот Гвидо Нолита, заедно со цртачот Галијано Фери.

Легендарниот Фери (1929-2016) ги има нацртано и поголем дел од насловните страници на над петсто епизоди. Во меѓувреме на серијалот имаат работено десетици други цртачи и сценаристи, а тој се има проширено со испреплетување (анг. crossover) и со други серијали на Бонели, од Марти Мистерија до Драгонеро, на сличен начин на ширењето на „универзумот на Марвел“.

Главни ликови на стрипот се Американецот Загор чиј прекар е скратено од индијанското име За-гор Те-Неј или „Дух со секира“ и неговиот неразделен пријател Мексиканецот Чико, чие цело име и презиме е Фелипе Каетано Лопез Мартинез и Гонзалес.

Вистинското име на Загор, Патрик Вајлдинг, се споменува само во неколку епизоди и во вакви комеморативни написи.

Иако навидум се работи за вестерн, бидејќи почетна локација на нивните авантури кои се одвиваат во првата половина на XIX век е измислената шума Дарквуд во источниот дел на Северна Америка, некаде меѓу Пенсилванија и Мичиген, тајната на успехот на серијалот е во тоа што ги надминува жанровските граници. Многу од приказните имаат елементи на научна фантастика – нешто што многу подоцна беше наречено стимпанк, епска фантастика, страв и ужас – т.е. хорор, а чести се и детективски и комични елементи, инспирирани од познати книжевни или филмски дела од сите жанрови. Честа референца се и историски настани, но без преголема обврска за точност на деталите.

На пример, поголем дел од оружјето прикажано во стрипот било изумено неколку децении подоцна.

Како лик, Загор е своевиден суперхерој, облечен во карактеристичен костим, но без натприродни моќи, направен по углед на Фантом, Тарзан, Бетмен и низа други ликови со кои растеле Бонели и Фери. Негова животна мисија е борба за правда и одбрана на невините, а наспроти тоа што првенствено бил наменет за адолесценти, приказните често се занимаваат со сериозни теми за возрасни, како спротивставување на расизмот и ропството, или колонијалните геноциди.

Легендарниот стрип-јунак Загор Те-неј наполни 60 години
Македонски изданија на Загор од Мега прес ЗЗ, Варм комикс и М-комикс. Фото: Meta.mk, CC BY.

Во Југославија првиот стрип со Загор е објавен 1968 година и набрзо станува еден од најпопуларарните такви изданија, во рамки на издавачката империја на новосадски „Дневник“ и нивните едиции „Златна серија“, „Лунов магнус стрип“ и „Стрип забавник“.

По распадот на Југославија, низа локални издавачи во земјите наследнички продолжија со објавување нови епизоди на авантурите на Загор, од кои најдолговечни се покажаа „Весели четвртак“ од Србија и „Луденс“ од Хрватска. Обиди за издавање имаше и во Босна и Херцеговина од „Агарти комикс“ со 3 епизоди, две краткотрајни едиции на албански јазик на Косово, како и три издавачки потфати во Северна Македонија.

Македонски едиции на Загор имаат објавено „Мега прес 33“ во 2005 година со 25 епизоди, а потоа „Варм комикс“ во 2009 година со десетина епизоди. Најнови се изданијата на „М-комикс“, кои имаат објавено дваесетина изданија меѓу 2014 и 2018 година.

Покрај Италија и Југославија, Загор бил објавуван и во Грција, Израел и Австрија. Во шеесеттите и седумдесеттите години на XX век бил исклучително популарен и во Турција, до тој степен што таму се снимени и два филма за него.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Халк Еко Скопје Трча 10КМ

Во недела ќе се одржи 8. издание на „Халк Еко Скопје Трча 10КМ“

Оваа недела (09.05.2024), ќе се одржи 8. издание на „Халк Еко Скопје Трча 10 км“ …