Во нејзината колумна по повод 100 дена од руската агресија, амбасадорката на Украина, Наталија Задорожњук во колумна за „Цивил Медија“ се осврнува на состојбата во оваа земја:
Војната од големи размери на Русија против Украина, која започна ноќта на 24 февруари 2022 година, не само што му ја покажа на светот силната украинска нација, туку и ги отвори очите за крвавиот путински режим.
На 3 јуни навршуваат 100 дена од почетокот на војната. Овие 100 дена, украинските војници, волонтери, лекари и цивили ѝ даваат силен отпор на руската инвазија. Страшно е, но веќе 100 дена русите крадат, убиваат цивили, силуваат жени и деца, уништуваат украински градови и села.
Денес, целиот цивилизиран свет стои рамо до рамо со украинскиот народ. Ние особено многу ја цениме помошта од пријателската Северна Македонија.
Украинските херојски бранители го запреа напредувањето на окупаторите и го истераа непријателот од северната насока, ги исчистија Кијивската, Чернигивската и Сумската област. Сега русија ги насочи своите напори на источна и јужна Украина, при што русите сè уште имаат за цел да ги поразат и „денацифицираат“ Украинците. ДЕНАЦИФИЦИРААТ, односно, да го уништат украинскиот народ, да го лишат народот од сопствената нација, да извршат геноцид врз Украинците.
Во првите денови постојано се прашувавме како е можно во XXI век, во ерата на глобализацијата, дигитализацијата, отворањето на новиот вселенски простор, да се наметнува својата волја преку брутална војна, преку уништување. А сега ние, Украинците, обединето и храбро се бориме за Украина, за Европа, за демократијата и правото да ја избереме сопствената иднина.
Што постигнаа русите и путинскиот режим во оваа војна против слободна и демократска држава?
- Покрај бројните убиства на мирното украинско население, беа убиени и повеќе од 30.000 руски напаѓачи.
- Покрај изолацијата и санкциите кои ги чинат милијарди, повеќе од 200 странски компании го напуштија рускиот пазар.
- Покрај омразата кон русија од целиот свет, две неутрални држави веќе поднесоа барање за влез во НАТО.
Целиот свет сега се соочува со само едно прашање – како да се заштитиме од лудиот путински режим? Украина го покренува ова прашање во последните 8 години, од окупацијата на Крим и одделни области на Донецката и Луганската област. Украина се обиде да не дојде до ова, но сега имаме само една цел – да победиме.
За да го направиме тоа, нам сè уште ни треба поддршка од сојузниците и пријателите, ни треба оружје со кое што ќе ја заштитуваме не само нашата земја, туку и целиот свет од тиранската руска политика.
Во овие мрачни времиња за светската историја, мораме да бидеме обединети, силни и паметни. Заедно задолжително ќе победиме.