Ачковска повикана во полиција за објавата дека момче починало откако му ставиле дрога во пијалокот

Ачковска повикана во полиција за објавата дека момче починало откако му ставиле дрога во пијалокот

Ачковска изјавила дека нема информации за настанот и дека „за тоа слушнала од муабети од деца“.

Универзитетската професорка Виолета Ачковска, која завчера на Фејсбук објави статус во кој напиша дека гимназијалец починал откако во пијачката во кафуле му била ставена дрога, денеска била повикана на разговор во полициска станица, известија од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Ачковска изјавила дека нема информации за настанот и дека „за тоа слушнала од муабети од деца“.

„Денеска во полициска станица при СВР Скопје бил извршен службен разговор со В.А., поради наведени податоци дека гимназијалец бил отруен со дрога ставена во пијалак, во објавен статус на социјалната мрежа Фејсбук, а со цел да се обезбедат евентуални дополнителни податоци во врска со случајот кои лицето може да ги има. В.А. во разговорот појаснила дека нема информација за таков настан, туку дека слушнала муабети од деца, а кога новинари телефонски ја повикале да поразговараат на темата, тогаш сфатила дека направила грешка и го избришала статусот“, стои во полициското соопштение.

Во врска со случајот, од страна на СВР Скопје ќе биде известено Основното јавно обвинителство Скопје, со цел да се добијат насоки за понатамошни мерки и активности.

Од МВР вчера известија дека по извршената обдукција било потврдено дека 18-годишниот Ј.Т. починал како последица од пад од височина и дека токсиколошките анализи не се готови.

„На 12.03.2023, во СВР Скопје е пријавено дека на плочник пред зграда на подрачјето на Центар е пронајден починат Ј. Т. (18). Извршен е увид од страна на полициски службеници и по насока на јавен обвинител телото е дадено на обдукција, при што е утврдено дека починал поради повреди настанати од пад од висина“, изјавија од МВР.

Статусот на Ачковска ги разгоре социјалните мрежи, а и дел од медиумите ја пренесоа објавата дека момче починало како последица на труење со дрога, ставена во неговиот пијалок. Шпекулациите отидоа дотаму што почнаа да се шират и информации дека од истата причина починале повеќе млади момчиња. Од МВР ги демантираа овие информации.

„Најостро ги демантираме лажните вести во врска со наводно пронајдени починати средношколци во Градскиот парк во Скопје, поради употреба на дрога, кои се шират по социјалните медиуми. Очигледна е целта на овие пласирани лажни вести – да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните, во случајов кај младите и нивните родители, да нанесат штета на институциите и недоверба кон нив“, изјавија од МВР.

Погребот на матурантот од  средното училиште „Георги Димитров“ бил извршен во вторникот.

Резултатите од токсиколошката анализа сè уште не се готови, за да се утврди дали во телото имало психотропни супстанци.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …