Црната листа на САД ќе се проширува и покрај името на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на неа ќе се најдат и други македонски граѓани, рече на 21 јуни американската амбасадорка Анџела Агелер. Но, како што вели, не може да прецизира кога ќе биде донесена.
Процесот за тоа кој ќе се најде на црната листа, трае долго и внимателно се спроведува и се врши ревизија на сите докази и сè што е утврдено, вели амбасадорката.
Во Соединетите Американски Држави, додаде, имаме многу сериозен пристап кон борбата со корупцијата.
„Секогаш кога ќе се утврдат докази за корупција сметаме дека народот на Северна Македонија има право да знае и да има избрани претставници во кои ќе може да веруваат и да бидат стабилни. Тука завршува ангажманот на САД и ние не можеме да кажеме што понатаму би требало да направат Владата и судството на Северна Македонија и какви мерки да преземат“, прецизира Агелер.
Нагласи дека ставањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа на САД е согласно законите на САД кога постои цврст доказ за корупција.
Рамиз Мерко е градоначалник на Струга, од редовите на ДУИ. Санкцијата се однесува и сопругата на Мерко, Шпреса, и неговите три возрасни деца, Генц, Назмије и Дренуша. Потесното семејство на Мерко се смета за „неподобно“ за влез во САД.
Американската амбасадорка во Скопје, Ангела Агелер пред неколку месеци ја најави црната листа на САД на која ќе се најдат имиња на функционери вмешани во корупција.
Извор: РСЕ