Агресорот во улога на жртва: Путин вели дека Западот сака да ја уништи Русија

Агресорот во улога на жртва: Путин вели дека Западот сака да ја уништи Русија

Рускиот претседател од денешниот говор во Москва се обиде да ја портретира неговата земја во улога на жртва, велејќи дека иако Русија сака „мир во иднината“, западните елити засадиле „семе на омраза и русофобија“

Денот на победата над фашизмот денеска беше подложен на нова злоупотреба од рускиот претседател Владимир Путин, во неговиот говор на воената парада во Москва. Тој рече дека е горд на руските војници кои учествуваат во она што тој го нарекува „специјална воена операција“ во Украина. Путин ги опиша украинските лидери како „неонацисти“, пишува Би-би-си.

Путин во говорот рече дека само Русија останала вистински да ги брани достигнувањата од Втората светска војна, додека Западот заборавил кој ги победил нацистите. Притоа, Путин во својот говор заборави да ги спомене сојузничките сили што ги ослободија западните и јужните делови на Европа од нацизмот.

„Битките кои ја определуваат судбината на нашата татковина секогаш биле национални и свети“, порача Путин.

Рускиот претседател од денешниот говор во Москва се обиде да ја портретира неговата земја во улога на жртва, велејќи дека иако Русија сака „мир во иднината“, западните елити засадиле „семе на омраза и русофобија“.

Инаку, додека Владимир Путин утрово во Москва држеше говор, од Украина доаѓаат вести за нови руски воздушни напади врз населените места. Гардијан јавува дека 25 руски ракети биле лансирани врз цели во Украина, при што украинската противвоздушна одбрана успеала да сруши 23 ракети. Алармот за воздушна опасност беше вклучен и во главниот град Кијив.

Украинските власти јавуваат за руски напади и врз регионот Суми во североисточна Украина, каде за време на ноќта имало ракетни напади во девет наврати врз населените места. Погоден бил и Черкаскиот регион во централниот дел на Украина со две ракети, како и Херсонскиот регион каде изминатиов ден биле повредени 14 цивили. Руска ракета изминатава ноќ завршила и во станбена зграда градот Днипро во централна Украина, при што била повредена една жена. 

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …