АХВ: Лоша хигиена во објекти за храна во туристичките центри, уништени два тони небезбедна храна

АХВ: Лоша хигиена во објекти за храна во туристичките центри, уништени два тони небезбедна храна

„Како небезбедни, уништени се приближно 200 килограми храна, најголем дел замрзнато месо, риба, месни преработки и друг вид храна“, информираат во АХВ

Лоша хигиена во објекти во кои се продава храна, неспроведени мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, несоодветно одржување на фрижидерите. Ова се само дел од недоследностите кои ги утврдиле инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во македонските туристички центри Охрид, Струга и во Дојран. Вонредните контроли тие ги направиле во периодот од 18 до 21 јули.

„Во четирите туристички центри извршени се вкупно 68 вонредни контроли. Недоследностите се однесуваат на замрзнување на производите и подготовките од месо како активност која за рестораните не се одобрени, лоша хигиена во самите објекти за храна, неизвршени санитарни прегледи на вработените“, информираат од АХВ.

Во контролите било утврдено и дека не се водат записи за добра производствена и хигиенска пракса, како и дека не се означени алергените на производите, но се продавале и производи без декларација.

„Инспекторите за храна и официјалните ветеринари на АХВ издадоа 14 решенија за отстранување на утврдените недоследности. За операторите со храна, спроведени се и 11 мерки едукација, а изречени се и исто толкав број парични казни. Како небезбедни, уништени се приближно 200 килограми храна, најголем дел замрзнато месо, риба, месни преработки и друг вид храна“, информираат во АХВ.

Мета.мк неодамна пишуваше дека високите температури се ризик за труење со храна и затоа треба да се внимава што и од каде се купува и јаде. Неопходно е да се води сметка за изгледот на храната, рокот на употреба и соодветното чување, да се купува од проверени места каде има услови и каде производите, посебно лесно расипливите од животинско потекло, се чуваат во разладни уреди.

„Треба да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната). Разладените или замрзнати производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што е месото, млекото, јајцата и друго да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Треба да се избегнува купување на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач“, препорачуваат во АХВ.

Освен тоа, разладената храна треба да се чува на температура пониска од 5 Целзиусови степени, а храната која треба да се зготви, треба термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 Целзиусови степени. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, додека месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат.

Прочитајте повеќе

„Договорени се општите начела за идната Влада“ – заврши средбата на ВМРО-ДПМНЕ со Влен

„Договорени се општите начела за идната Влада“ – заврши средбата на ВМРО-ДПМНЕ со Влен

Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите …