Тргнувајќи од принципот отворена влада и од принципот за пристап до информации од јавен карактер како основно право на граѓаните, Владата на Република Северна Македонија го објавува најновиот шест месечен извештај за трошоците на функционерите на актуелниот состав.
Овој извештај го опфаќа периодот јуни – ноември во 2018, со можност за споредба на трошоците на министрите во претходната влада за истиот период јуни – ноември во 2015 година. Во таа насока, трошоците на сите министерства во Владата на РСМ за периодот од јуни до ноември во 2018 година, изнесуваат 18,048,080 денари, што е над двојно помалку споредено со трошоците на министерствата на претходната влада за истиот период јуни – ноември во 2015 година, кои изнесуваат 41,405,076 денари.
Вкупните угостителски услуги во земјата и странство на министрите, замениците министри и државните секретари во 2018 изнесуваат 7 милиони 66 илјади 165 денари, и се за 2.7 пати пониски во однос на споредбениот период од 2015 кога биле 19 милиони 132 илјади и 121 денари.
Овие сериозно намалени трошоци се резултат на скратените непродуктивни плаќања, и тоа во период на интензивни посети на странски делегации на државата кога секој ден, а во некои наврати и повеќе пати на ден, високи владини делегации ја посетуваа земјата како гости на владата на РСМ.
Во овој период за одбележување се намалените вкупни трошоци за мобилен телефон во висина од 772 илјади и 286 денари во 2018 година во периодот од јуни до ноември, додека во истиот период во 2015 година трошоците за разговори на мобилен достигнале сума од 2 милиони 602 илјади и 543 денари, што е кратење на трошоците за повеќе од три пати .
Уште повидлива е разликата и во висината на трошоците за авионски карти. Ако во 2015 година, Владата предводена од Никола Груевски потрошила 11 милиони 804 илјади и 83 денари, кога земјата беше во длабока политичка изолација, во 2018 година се потрошени три пати помалку, односно 4 милиони 815 илјади и 198 денари, во период на најинтензивни преговори за напредок на нашите евро-атлантски интеграции.
Софтверското решение на алатката овозможува пристап и до наративни месечни извештаи за работата на службениците, остварени состаноци, службени патувања во странство, трошоци за репрезентација и друго, и ги прикажува податоците во форма на интерактивни инфографици со цел да ги направи попрегледни за сите во име на јавниот интерес.
Алатката за отчетност и транспарентност на Владата на РСМ дава резултати. Постојаниот увид во трошоците за работење на владиниот состав стимулираше наменско и домаќинско работење, паралелно со реформската агенда, зачленувањето во НАТО и интеграцијата кон ЕУ.
Линк до алатката за отчетност и транспарентност на Владата на РСМ: https://vlada.mk/otchetnost-troshoci