Албански медиуми: Груевски излегол од Албанија со автомобил на унгарската амбасада

Откако српскиот весник „Политика“ денеска излезе со верзија дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски со лажен пасош ноќе ја минал македонско-албанската граница и стасал во амбасадата на Унгарија во Тирана, од каде одлетал за Будимпешта, влијателен портал на албански јазик изнесе друга верзија, повикувајќи се албанската полиција.

Според порталот „Диалогплус“ „извештаите на албанската полиција сугерираат дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски на 11.11.2018 година во 19:11 излегол од Албанија во Црна Гора со автомобил на унгарската амбасада во Тирана – возило со таблички CD1013A.“, пренесува „Порталб“.

Преминувањето наводно било на граничниот премин „Хан Хоти – Божај“ крај Скадарско езеро, од каде следното поголемо населено место е Подгорица. Како потоа се одвивало патувањето на Груевски до Будимпешта, каде што тој завчера соопшти дека се наоѓа, не се наведува.

Според албанската телевизија „Топ Ченел“, полицијата во Тирана тврди дека Никола Груевски не полетал од тиранскиот меѓународен аеродром „Ринаси“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …