„Организиран бесплатен автобуски превоз на сесрпскиот митинг на 26 мај (петок) во Белград. Кој е подготвен да оди, нека се јави. Известете ги и сите останати луѓе. Поаѓањето ќе биде од Куманово. Резервирајте ги вашите места на време“, е пораката што на 11 мај на Фејсбук ја објави Српската заедница во Македонија.
Самиот повик на Фејсбук до моментот на објавување на текстот има 58 споделувања и 99 различни реакции, како и 93 коментари во кои има жестоки расправи меѓу граѓаните дали треба да се присуствува на ваквиот протест.
„Тоа е партиски, а не сесрпски митинг. Ако сте наши браќа, останете дома“, е еден од критичките коментари на ваквиот повик на Српската заедница во Македонија.
Повикот до македонски граѓани за да одат на контрапротестот во Белград на 26 мај што го организира српскиот претседател Александар Вучиќ е една од главните теми што ја третираат српските медиуми.
Па така, српскиот медиум „Нова.рс“ објави текст со наслов „Вучиќ носи луѓе од Македонија на својот контрамитинг: Се нуди бесплатен превоз со автобуси од Куманово до Белград“.
Медиумот прашува што бара оваа македонска невладина организација, чии активности помеѓу останатото и се финансираат од буџетот на Република Србија, да ги повикува своите членови да учествуваат на контрамитингот на Вучиќ во Белград.
Од Нова.рс потсетуваат дека Српската заедница во Македонија на крајот од јануари годинава на српскиот претседател Вучиќ му доделила „Светосавска повелба“.
Во меѓувреме, српските опозициски политичари реагираат и на реториката на Александар Вучиќ пред одржувањето на контрамитингот што ќе се одржи на 26 мај. Па така, претседателот на Движењето на слободни граѓани Павле Грбовиќ оценува дека српскиот претседател со повикот за митинг на 26 мај во Белград, повикал „една група на граѓани да им се спротивстави на друга група граѓани“.
Неговиот повик за контрамитинг доаѓа откако проевропската опозиција изминативе денови организираше масовни протести во центарот на Белград, под паролата „Србија против насилството“.