македонско и бугарско знаме

АНАЛИЗА: Македонија и Бугарија – политичката тензија под притисок ги стави економските релации!

Бугарија е петти по ред трговски партнер на Македонија. По 2021 година, инвестициите од Бугарија во земјава се со забавено темпо, но има обиди за “затоплување“ на економските релации во тензичен политички амбиент, пишува Порталб.мк.

Трговски и инвестициски релации…

Не може да зборуваме за трговски, инвестициски и туристички релации, а да одиме по “козји“ патеки. Секако дека политичката тензија меѓу Скопје и Софија прави психолошки притисок врз економските односи, коментира претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски.

“Со оглед на состојбата во краток временски период ќе има последици, но  треба да се трудиме да размислуваме перспективно. Во следниот период ќе мора да дадеме сè од себе за да ги развиваме трговските односи. Ако анализираме реално, поголем проблем ќе бидат коридорите, односно нивната неизградба. Јас се чудам како имаме толку голема трговска размена со Бугарија, а се движиме, симболично да се изразам, по козји патеки“, вели Ангелоски.

Бугарија котира високо како трговски партнер на Македонија, на петто место. Пред неа се Германија, Велика Британија, Турција и Србија. Според последните достапни податоци, на крајот од ноември лани вкупната трговска размена меѓу Македонија и Бугарија изнесувала 946,5 милиони евра и во однос на истиот период од 2021 година, таа е зголемена за 42,2%. Дел од ваквиот раст се должи на уделот на енергенсите со повисоки цени во ек на енергетска криза.

Трговска размена

Извоз од Македонија во Бугарија                          383,3 милиони евра     +24,2%

Увоз од Бугарија во Македонија                            563,2 милиони евра      +58,0%

Нашиот извоз во Бугарија кој изнесувал 383,3 милиони евра се зголемил за 24,2%, а увозот од Бугарија кој достигнал 563,2 милиони евра бил со раст од скоро 58%. Географски блиска, Бугарија изминатите години беше и важен инвестициски играч на нашиот пазар. Во 2021 година вредноста на бугарските инвестиции изнесува 31,3 милиони евра. Но, сликата се менува лани – во првиот квартал инвестициите се во позитивна зона во износ од 12,5 милиони евра, во вториот квартал има одлив со негативно салдо за на крајот од третиот квартал тие да изнесуваат само 9,7 милиони евра. Бугарија во земјава доминира особено во банкарскиот сектор, зад трите банки – УНИ Банка, Централна кооперативна банка ЦКБ и Капитал банка, стои капитал од Бугарија.

На крајот од минатата година беше организиран македонско-бугарски бизнис форум со присуство на повеќе од 150 компании со најава за можност за инвестирање во различни сектори како осигурување, технологии, софтвер, комуникации. Овој бизнис форум се оцени како чекор за одржување на бизнис релациите во услови на  заострени политички односи меѓу двете земји.

Три децении “сонување“ за пругата Бугарија-Македонија

Железничко поврзување Македонија – Бугарија. Оваа траса од Коридорот 8 долга скоро 90 километри стана симбол за децениски најавуван, а никогаш неостварен инфраструктурен проект. Последната најава за реализација се случи на крајот од октомври минатата година кога премиерот Ковачевски и тогашниот негов бугарски колега Донев со заеднички оптимизам ја најавија изградбата.

“Оваа инвестиција на Северна Македонија отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата Бургас и Варна во Бугарија и пристаништето Драч во Албанија, што е од исклучителна важност за нашата економија“, изјави премиерот Ковачевски.

“Коридорот 8 беше желба на многу генерации од двете страни на границата како клучна врска меѓу граѓаните и бизнис секторот од трите земји – Бугарија, Северна Македонија и Албанија“, рече  Донев.

Коридорот 8, и покрај стратешкото значење за македонската економија, досега остана само проект на хартија. На терен се издигнати столбови кои под “забот“ на времето дури и беа оштетени, а и оние поставени шини беа крадени и продавани за старо железо. Сега, оваа железничката траса има уште поголемо значење бидејќи ќе поврзе три земји членки на НАТО – Бугарија, Македонија и Албанија. Изградбата на источната оска од трасата ќе чини 600 милиони евра, а дел од парите ќе се обезбедат од ЕБОР.

Овој мега инфраструктурен проект започна во 1994 година, а последен пат беше запрен во средината на 2020 година кога беа реализирани 54% од инвестицијата.

Меѓусебното инфраструктурно поврзување останува една од “слабите точки“. Во најава е и отворање на нов граничен премин Берово-Струмјани. Вкупната инвестиција од двете страни се проценува на 10 милиони евра, а средствата се обезбедени од програмата за прекугранична соработка. До крајот на март годинава треба да биде готова документацијата за анализа  за потребите од овој проект, по што ќе почнат и активностите за изработка на финалниот проект за градба.

Извор:META

Прочитајте повеќе

Д-р Сем Пауер: Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано

Д-р Сем Пауер: Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано

Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано, можете да поставите брани, но тие ќе …