Сериозни врнежи нема подолго време и воедно не се очекуваат во следните десетина дена, вегетацијата е исклучително сува, дневните температури се сè уште високи, а пожарникарите и пилотите се исцрпени и на крај на силите, рече Ангелов
Состојбата со пожарите на отворен простор е исклучително алармантна. Само во текот на вчерашниот ден на територијата на државата имало 60 пожари, информираше утрово директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
И покрај вчерашното, како што вели, интензивно гаснење, шест пожари на отворено гореле во текот на целата ноќ и сè уште се активни.
Во текот на викендот, пак, во земјава горело на 116 локации, додека во текот на минатиот месец имало вкупно 778 пожари. Од нив, 43 биле гаснати со воздухоплови.
Поради ваквите загрижувачки бројки, директорот Ангелов упати апел до земјоделците да не ги палат стрништата, а сточарите стрништата.
„Сериозни врнежи нема подолго време и воедно не се очекуваат во следните десетина дена, вегетацијата е исклучително сува, дневните температури се сè уште високи, пожарникарите и пилотите се исцрпени и на крај на силите“, вели Ангелов.
Тој упати апел и до градоначалниците да ги следат законски пропишаните процедури и да бараат воздушна поддршка тогаш кога се исцрпени сите останати можности.
„Пожари не се гаснат од воздух со Ер трактори и хеликоптери без поддршка на пожарникари од земја. Невозможно е да се изгасне пожар додека врз него не згазне пожарникарска чизма“, вели Ангелов.
Директорот на ЦУК вели оти институцијата ја проценува неопходноста од употреба на воздухоплови, а доколку се употребат, ги координира.
Според Ангелов, бројот на воздухоплови е ограничен, a бројот на пожари секој ден е огромен. Од шесте активни пожари во моментов, четири се поголеми и опасно.