Делегација предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Драган Тевдовски учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД.
Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на ММФ, СБ, Европската инвестициска банка (EИБ) и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), како и со претставници на други меѓународни финансиски организации и институции.
„Во фокусот на состаноците со високите претставници на ММФ ќе бидат и монетарната политика, економскиот развој и економските показатели коишто ги следи централната банка, како и состојбите во банкарскиот сектор кај нас. Одделно внимание ќе ѝ биде посветено и на техничката помош којашто ММФ ѝ ја дава на Народната банка. Постигнатите резултати од досегашната успешна соработка меѓу нашата централна банка и ММФ, подетално ќе бидат анализирани и на состаноците коишто гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе ги оствари со раководителите на неколку дирекции на оваа меѓународна организација, вклучително и дирекциите за статистика и за монетарни и капитални пазари. Истовремено ќе се дискутира и за можностите за поддршка од ММФ за дополнително унапредување на работата на Народната банка, преку техничка и советодавна соработка во сферата на стандардите за статистичко известување и на моделите за економско проектирање“, информираат од Народна банка.
Пролетните средби на ММФ и СБ се одржуваат секоја година и на нив учествуваат гувернерите на централните банки и министрите за финансии на земјите членки. Редовно, во дискусиите на Средбите, акцентот е ставен на актуелните случувања во светската економија и на важни теми како што се поттикнувањето на економскиот раст, намалувањето на сиромаштијата и промовирањето одржлив и инклузивен економски развој за сите целни групи во општеството.
Извор: МЕТА