АНКЕТА: Две третини од младите периодов имале проблем со менталното здравје, се опуштаат со музика, спорт, но и алкохол

АНКЕТА: Две третини од младите периодов имале проблем со менталното здравје, се опуштаат со музика, спорт, но и алкохол

Две третини од младите велат дека последнава година била предизвикувачка за нивното ментално здравје, покажа кратката анкета што „Мета.мк“ ја спроведе на Инстаграм. Најголемиот дел од нив велат дека се соочиле со анксиозност и депресија, но и со панични напади, параноја, деперсонализација и недостаток на мотивација и волја. На анкетата има и одговори во кои испитаниците велат дека се чувствуваат осамено и се плашат од иднината.

Светската здравствена организација уште минатата година предупреди дека на светот му се заканува глобална криза по менталното здравје предизвикана од пандемијата на корона вирус. Поради затворањето дома за време на полициски час, како и заради следењето на наставата преку средства за електронска комуникација, младите голем дел од времето го поминуваа(т) изолирани помеѓу 4 ѕида.

Поминувањето повеќе време со семејството за некого било добро, затоа што подразбирало зближување на односите, но 57 проценти од лицата што одговориле на анкетата велат дека чувствуваат поголем психолошки притисок од нивните семејства откако почнале повеќе време да минуваат во нивните домови.

Во споредба со истиот период минатата година, најголем дел од младите, 45 отсто, сега чувствуваат зголемен стрес. Помал стрес, во споредба со овој период во 2020 година, чувствуваат 19 отсто од испитаниците, а 15 проценти велат дека не можат да проценат со колкав стрес се соочуваат.

Голем дел од тие што одговориле на анкетата велат дека менталното здравје им го загрозила незавидната финансиска ситуација, а неретки се и признанијата дека се злоупотребуваат супстанци и се пие алкохол. Дел од младите велат дека предизвик за нивното ментално здравје претставува и загубата на блиска личност, после боледувањето од корона вирусот.

„Дефинитивно финансиски притисок, некогаш ако сакам да излезам не можам да си платам билет во автобус и останувам дома повеќето од времето, а уште ни немаат дадено индекси од факултет и не можам да извадам билет за слободно возење. Исто така, немам мотивација за да бидам продуктивен, за да учам и слично“, вели еден од младите лица што одговориле на анкетата.

„Тоа што гледам дека ништо не се подобрува во однос на корона ситуацијата, напротив. А сѐ повеќе блиски ми страдаат, повторно имаме затварање по дома и мислам дека уште долго ќе седиме дома. А кога знам дека нешто ми е забрането, многу полошо преоѓам преку нештата. Во глобала, сѐ поврзано со корона ме уништува психички“, вели една млада девојка.

Анкета
Дел од одговорите на прашањето „Што во моментов има најголемо влијание врз твоето ментално здравје?“ 

Анкетата покажа и дека 36 отсто од младите не разговале со никого за своите чувства. Кога чувствуваат стрес или анксиозност, најголем дел, 43 отсто велат дека им се обраќаат на своите пријатели или партнери, додека 15 проценти во вакви случаи зборувале со родителите.

И покрај очигледната потреба да се разговара со лица кои можат да помогнат во одржување на менталната благосостојба, само 13 проценти од анкетираните рекле дека досега побарале помош од психолог или психотерапевт. 47 проценти одговориле негативно, но размислувале да се обратат до стручно лице, додека пак 40 проценти рекле дека не им паднало на памет да се обратат до психолог или психотерапевт.

За да се релаксираат, на младите најчесто им помагала музиката, прошетката или трчањето во природа, спортувањето, видео-игрите и дружбите со партнерите и пријателите. Дел од младите менталниот терет го ослободуваат преку молитви и посети на црква, додека други велат дека вечерното возење со автомобил или со мопед им помагало да им се избистрат мислите. Некои од испитаниците одговориле дека за да се опуштат и релаксираат користеле кафе и производи од тутун.

Анкета
Дел од одговорите на прашањето „ Што ти помага најмногу за да се релаксираш и опуштиш?“ 

Изминатиов период Универзитетското студентско собрание на УКИМ отпочна иницијатива за воведување на бесплатни психолошки служби, каде студентите ќе имаат пристап до професионален кадар што ќе може да им пружи поддршка и каде ќе можат да се обратат за разговор. Секое средно училиште во државата, пак, располага со училишен психолог.

Но, речиси 40 отсто од испитаниците рекле дека, дури и да постои на нивниот факултет или училиште, тие не би се обратиле до службата која нуди психолошка помош.

Најголем процент од студентите и учениците велат дека професорите не ги разбираат нивните психолошки потреби. 45 отсто, пак, велат дека дел од професорите имале разбирање, дел не, а само 7 отсто одговориле потврдно на ова прашање.

Анкетираните велат дека онлајн наставата ги спречувала професорите убаво да го објаснат материјалот, а сепак тие имале високи очекувања од учениците.

„Реално најголемо влијание има професорката по физика, ни врши тешки притисоци нам како ученици, ништо не верува во тоа што го кажуваме, цело време е убедена дека ние не знаеме, дека препишуваме и константно ја споредува оваа ситуација денес со онаа кога сме оделе на училиште (а сегашната ситуација е далеку од претходната, за споредба) и дека тогаш сме имале време за сѐ бидејќи сме учеле, а сега немаме време за ништо затоа што не сме стигнувале да препишеме. И ние цела година се бориме со тие нејзини заклучоци и не можеме ништо против тоа“, вели ученик од битолската гимназија.

Во Македонија постојат неколку бесплатни платформи каде младите можат да се обратат за разговор со психолог или пак сакаат да споделат некое свое искуство и да дискутираат за истото. На апликацијата Разговор.мк, младите можат анонимно да разговараат со психотерапевти, додека на платформата SpeakOut, можат да се споделуваат искуства и да се дискутира на различни теми кои го засегаат менталното здравје и добросостојба.

Анкетата беше спроведена преку Инстаграм профилот на „Студентарија“ во периодот 17-18 март 2021 година и на неа одговориле повеќе од 3.300 испитаници.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Спасовски: Предлогот за Влада е без план во економијата и стратешките цели

Спасовски: Предлогот за Влада е без план во економијата и стратешките цели

Од она што денеска беше соопштено во јавноста при поднесувањето на предлогот за работа и …