Анкета на МЦМС: Вкупно 78 отсто од граѓаните сметаат дека државата е во политичка криза

Анкета на МЦМС: Вкупно 78 отсто од граѓаните сметаат дека државата е во политичка криза

Помалку од половина од граѓаните (42 проценти) имаат доверба во Владата, а меѓу нив, побројни се етничките Албанци (61,8 проценти) и припадниците на другите заедници (51,5 проценти). Ова го покажаа резултатите од последното истражување на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) „Доверба во Владата и локални избори“ посветено на некои актуелни политички прашања.

„Околу три четвртини од граѓаните се согласни дека земјата е во политичка криза. Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (87,6 проценти) и неопределените (78,6 проценти) се побројни меѓу нив. Прашани за тоа што сметаат дека е решението за надминување на политичката криза, најголем број од граѓаните, односно 36 проценти рекле дека тоа се предвремените парламентарни избори. Околу една четвртина веруваат дека Владата има сила да продолжи и да се справи со кризата, додека за 15,7 проценти решението е формирање широка коалиција на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Гледано од перспектива на етничката припадност, етничките Македонци почесто го бирале одговорот „предвремените парламентарни избори“ (42,4 проценти), а етничките Албанци повеќе веруваат дека Владата има сила да продолжи и да се справи со кризата (47 проценти),“ информираат од МЦМС.

Имајќи ги предвид дискусиите за вклучување на етничката припадност во личните карти, граѓаните биле прашани за нивниот став во врска со тоа прашање.

Тие се поделени, односно, 49,7 проценти се согласуваат со вклучување на етничката припадност во личните карти, а 48,7 проценти не се согласуваат. Поддршката е поизразена кај етничките Албанци (83,5 проценти) и припадниците на другите заедници (77,3 проценти).

Запрашани за пописот, резултатите покажале дека мнозинство од граѓаните не веруваат (60,8 проценти) дека пописот на населението ќе се спроведе со соодветен квалитет. Побројни меѓу нив се етничките Македонци (69,5 проценти).

Во врска со односите со Бугарија пак, за половина од граѓаните, односите со Бугарија се развиваат во негативен правец (53,6 проценти). Разлики во ставовите има на основа на етничката припадност и кај симпатизерите на политичките партии.

За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект. Податоците биле прибирани со телефонска анкета во периодот од 17 до 24 март 2021 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1.003 испитаници. Овде се презентирани резултатите од делот за доверба во Владата, додека делот за локалните избори ќе биде презентиран до крајот на неделата.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Талат Џафери: Има обиди за изборен инжинеринг

Талат Џафери: Има обиди за изборен инжинеринг

Имам добиено извештаи од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за …