Аномија

Аномија

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Аномија е збор кој во семантичка смисла означува беззаконие и незаконитост. За прв пат овој поим се појавува во Англија во XVI век за да објасни општествени услови во кои владее неред, неизвесност и општа зависност. Диркем е човекот кој во воведува овој поим и кој укажува дека „Колективната свест, која ја содржи и колективната идеја и општествените норми има карактер на објективна општествена димензија. Таа е супериорна во однос на индивидуалната свест поради принудата која постои во неа. Колективните мислења, идеи, чувства и правила на однесување синтетизирани во морал, обичаи, право и религија ги обврзуваат сите поединци на одреден начин на однесување и делување”. Општествените негативни појави не само што се разликуваат од девијантното однесување на поединецот, преку јавна реакција од страна на граѓаните ги јакнат колективната свест и солидарност. Затоа и се смета дека зрелоста кај јавната свест е клучна за развојот на политичкиот систем во ефикасна општествена насока.

Се смета дека едно општество е заболено од аномија доколку постојат општествени норми и вредности кои овозможуваат системот да не функционира. Заеднички карактеристики на општествата со овој тип на аномија се судири и општо непријателство. Аномија настанува и кога се прави неефикасна промена на нормите, вредностите и правилата во рамките на политичкиот систем, тоа подразбира состојба во која се организираат промени, но без потребни упатства за начинот како ќе се реализираат промените. Во овој случај неминовно се доаѓа до расчекор помеѓу нормативното и реалното. Поради овие причини бројни автори утврдуваат дека постои каузалност помеѓу аномијата и девијантните однесувања. Немање на доволно поддршка за сопствено делување во општествен контекст, соочени со сопствените потреби и аспирации, поединците почнуваат да практикуваат општествено уништувачки средства.

Македонската аномија е состојба која предолго несериозно е сфатена. Пред некој ден за проект на една меѓународна организација ме прашаа: Што правам во ситуации каде што се обидуваат да постапам спротивно на правилното постапување? – Веднаш силна им одговорив дека се спротивставувам и не дозволувам да имам такво постапување, но откако одговорив, се преиспитав и нормално знаев дека не е баш така. Не зборувам за апсолутно правилно однесување, но за да обавуваш било која професија и да те сметаат за успешен повеќе треба неправилно, отколку правилно да постапуваш. По подолг период од борба со „жива песок” сфаќаш дека аномијата ги „јаде” сите. Корупцијата во аномични општества е претворена во култура на однесување.

Антикорупциската комисија започна со кампања „Со ум, до антикорупциски бум”. Но, умот се обучува да е умен преку системски одредени правила и состојби кои луѓето ги започнуваат од најрана возраст. Тоа не се прави единствено со кампања, кампањата е надоградба, а основата е дека не треба мајката и таткото да се „пријатели на воспитувачката” за таа најмногу да се грижи баш за нивното дете. Не треба да си „пријател на директорот” за да твоето дете учи во класот кај „највозрасната наставничка” затоа што немаш доверба во новопримените. Не треба да се натепа директорот на средното училиште затоа што не го примил твоето дете иако и сами знаете дека не ги исполнува критериумите. Не треба да го бараме под дрво и камен професорот кој го паднал студентот за „ само 10 поени”. Корупцијата не е само давање на материјални средства за услуга, корупцијата е поткуп, изнуда, непотизам, крунизам (вработување на пријател кој не ја заслужува позицијата), различни плати за вработените на иста позиција, но едните се поблиски до газдата од другите, употреба на позиција или политичко влијание за да се оствари одредена цел која обично институциите треба да ја одговорат по службена должност.

Нема кој вид на корупција го немаме! За да јавната свест се социјализира антикорупциски потребно е образованието од најмала возраст, заедно со политичката социјализација коренито да се променат. Тоа започнува од младите родители, па се пренесува и кон новите генерации. Она што досега е направено е погубно и аномично.

Креатори на антикорупциски политики треба да се скоро сите институции во политичкиот систем, не само Антикорупска комисија. Секоја чест за комисијата, но ако останатите институции продолжат да функционираат аномично, антикорупциска нема да може во никој случај да гради колективен ум, кој ќе придонесе за антикорупциски бум!

Прочитајте повеќе

Камшикот, од блиску дојде

Камшикот, од блиску дојде

Сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против“. …