Елиуд Кипчоге, 34 годишниот Кениец, утрово во главниот град на Австрија, Виена, влезе во историјата, бидејќи стана првиот човек кој истрчал маратон под границата од 2 часа.
Кипчоге, кој е светски рекордер во маратонските делници, постигна подвиг и успеа да ја урне бариерата од 120 минути. Тој го истрча маратонот за точно 1 час, 59 минути и 40 секунди, што делува неверојатно и зачудувачки, од причина што според статистиката, Кениецот трчал 100 метри за 17 секунди, темпо кое тешко дека некој ќе го повтори.
Успехот на Кипчоге беше спонзориран од ИНЕОС, но постигнатото време нема да важи како нов светски рекорд, бидејќи светската атлетска организација не го признава. Главна причина за тоа е што маратонот не беше организиран од ИААФ, потоа неприсуството на анти-допинг агенцијата, како и податокот дека во текот на целиот маратон, Кипчоге бил следен од автомобил кој со ласер му го диктирал темпото за постигнување на историскиот резултат.