Апсурд: Најголем дел од водата за пиење се губи пред да стигне до граѓаните [инфографик]

Апсурд: Најголем дел од водата за пиење се губи пред да стигне до граѓаните [инфографик]

Податок што најмногу загрижува е количеството на вода за пиење кое минатата година стигнало до потрошувачите – 144.865.000 метри кубни вода, што пак значи дека преостанатите количества на вода за пиење се губат во водоводните системи на патот од изворот до самите потрошувачи

Наместо да ја користат граѓаните или компаниите, најголемото количество од водата за пиење во Македонија се губи во водоводните системи на јавните претпријатија. Загубите на вода за пиење во услови на непредвидливите климатски промени со кои се соочува земјава не се сфаќаат сериозно, што пак може во иднина да доведе до сериозни проблеми со водоснабдувањето во некои општини.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во 2022 година од јавните водоводни системи во земјава биле зафатени и преземени 300.116.000 метри кубни вода за снабдување на потрошувачите, што е за 2 отсто помалку во однос на 2021 година. Од вкупното зафатено количество вода, најмногу вода (63,8 отсто), е зафатено од изворски води, а најмалку (0,9 отсто) од езера.

Податок што најмногу загрижува е количеството на вода за пиење кое минатата година стигнало до потрошувачите – 144.865.000 метри кубни вода, што пак значи дека преостанатите количества на вода за пиење се губат во водоводните системи, на патот од изворот до самите потрошувачи. Ваквото количество на загуби на вода во 2022 година изнесувало фрапантни 155.251.00 метри кубни вода, покажуваат статистичките податоци.

Колку за споредба, вкупното количество на вода за пиење кое било произведено од скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ лани изнесувало 101.521.912 метри кубни. Ова значи, дека на национално ниво имаме изгубено количество на вода за пиење кое е многу поголемо од вкупното произведено количество во главниот град, кој брои околу 600.000 жители.

Негативните бројки на ДЗС беа потврдени и од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Дури 62,45 отсто од произведената и зафатена вода од водоводните системи во 2022 година била неприходувана вода, наведено е во Годишниот извештај за работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) за 2022 година. Притоа, наместо да се намалува процентот на неприходувана вода, тој минатата година пораснал во споредба со претходно.

Алармантната состојба со загубите на вода за пиење е присутна и во главниот град, чиј водоводен систем е најголем во земјава. Процентот на неприходувана вода во рамките на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во 2022 година бил 60,3 отсто.

Притоа, во неприходуваната вода во Скопје влегува нефактурираната легална потрошувачка (26.356.521 метри кубни вода) која се троши на полевањето на јавните површини (зеленило, улици), водата за работење на фонтани, јавни тоалети и слични користења, каде наместо техничка вода, се троши питката вода. Исто така, во овој процент влегува и нелегалната потрошувачка и неточноста на водомерите (7,2 милиони метри кубни вода). Физичките губитоци на вода за пиење биле 27.690.883 метри кубни вода (дотраените водоводни цевки и друга инфраструктура низ која протекува водата).

„Губитоци на вода, односно пресметаните физички и комерцијални загуби, кои се 34,38% од влезниот волумен на вода во системот, се голем предизвик да се продолжи со ангажман за намалување на истите. За регионот и пошироко се смета дека прифатлива загуба на вода во системот е 20% од вкупно произведената вода“, стои во официјалниот документ Годишен извештај за работењето на ЈП „Водовод и канализација“ за 2022 година.

Јавните претпријатија редовно во своите извештаи наведуваат дека е потребно „големо внимание и труд“ за да се намали процентот на неприходувана вода во водоводните системи со кои управуваат, но податоците од изминативе години покажуваат дека во Македонија ваквите напори многу споро се реализираат.

Во земјите-членки од ЕУ пак, прифатливиот процент на загуби на вода за пиење е од 15 до 20 отсто на годишно ниво. Сепак, и некои земји од регионот, како на пример Хрватска, имаат процент на неприходувана вода од 50 отсто, но тој е повторно помал од нашата земја.

Бројките на Меѓународната асоцијација на води на глобално ниво пак покажуваат дека количеството на загуби на вода за пиење е 346 милиони метри кубни на ден или 126 милијарди метри кубни годишно. Проблемот со Македонија е што сме под сериозна изложеност на климатските промени како резултат на покачувањето на глобалните температури на воздухот, а со тоа и појавата на сушни периоди, топлотни бранови во летниот период, недостиг на снег во зимските месеци и нерамномерна распределба на врнежите низ годината. Сето ова влијае врз снабдувањето со вода за пиење.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

UltiMATH финале

UltiMATH финалето започна: 350 најдобри средношколци се натпреваруваат за награда од 10.000 евра

Денес започна првиот ден од финалето на UltiMATH, најголемиот натпревар по математика за средношколци во …