Со воена церемонија во кампот за обука „Пепелиште“, денеска се означи почетокот на националната теренска вежба ,,Блесок 22“, која ќе се реализира до 11 Април. На вежбата ќе учествуваат околу 1100 припадници од Армијата на Република С. Македонија, како и одреден број на оценувачи и набљудувачи од НАТО.
Согласно планот, активности ќе се изведат на армискиот полигон „Криволак“, кампот за обука „Пепелиште“, касарната „Јане Сандански“ – Штип и касарната „Страшо Пинџур“ – Петровец, информира Министерството за одбрана. Од таму велат дека основната цел на вежбата „Блесок 22“ е оценување на борбената подготвеност на Лесниот пешадиски баталјон, согласно Стандардите за оценување на копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО – CREVAL (Combat Readiness Evaluation).
„Со успешна реализација на оваа вежба имаме можност да покажеме дека сме подготвени да дејствуваме заедно со нашите сојузници согласно единствени стандарди“, велат од Армијата на С. Македонија.
На денешната церемонија за отворање на вежбата присуствуваа командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини и командантот на прва пешадиска бригада, полковник Сашко Лафчиски, а пред учесниците на вежбата се обрати директорот на вежбата, потполковник Зоран Сумрачки.
„Согласно планот на активности на вежбата, во текот на утрешниот ден во касарната „Јане Сандански“ во Штип ќе отпочнат првичните активности за оценување на единицата по елементите на оценување во мирновремени локации. За реализација на вежбата „Блесок 22“ ќе се користи фиктивно сценарио, при што се креирани настани и инциденти кои ќе овозможат единицата да се извежба и оцени согласно НАТО стандардите, односно Лесниот пешадиски баталјон ќе може да ја демонстрира својата борбена готовност да се соочи со сложеноста на бојното поле“, се вели во соопштението од министерството.
Оценувањето ќе го спроведува национален тим за оценување, кој е сертифициран од страна на НАТО школото за вршење на оценување на борбена готовност на копнените сили, според стандардите и процедурите на НАТО. Ќе се оценуваат постапките во седум различни области на способност, а ова е прво оценување на поголем состав во Армијата по нашето полноправно членство во НАТО.
„За секоја област се одредени лидери на тимови и соодветен број на оценувачи, зависно од обемот на оценување. Оценувањето се изведува во две фази и тоа оценување на мирновремена локација и на терен. На крајот од оценувањето ќе биде потпишан формалниот извештај од страна на НАТО набљудувачите и директорите на оценувањето, по што резултатот ќе биде соопштен на оценуваната единица, информираат од министерството за одбрана.