доналд трамп

Бајден оптимист, Трамп сѐ пожесток

Трамп ги обвини Демократите дека сакаат „му го украдат изборот“, неколку американски телевизии го прекинаа преносот од обраќањето на претседателот во Белата куќа, заради проверка на изнесените евентуално лажни информации.

Продолжува неизвесноста во трката за избор на претседател во САД. Демократскиот кандидат Џо Бајден е близу до победа во сојузните држави Аризона и Невада, што би било доволно за вкупен триумф, а убедливата предност на претседателот Доналд Трамп во Пенсилванија и Џорџија се топи.

Бајден повика на трпение: „Демократијата е понекогаш хаотична”, изјави тој додавајќи дека „нема сомнение” во тоа дека на крајот ќе стигне до 270 електорски гласови потребни за победа.

Актуелниот претседател Доналд Трамп пак продолжува со обвинувања против Демократите дека сакаат да „му го украдат изборот”, без да приложи докази.

„Ако се бројат само легалните гласови, победувам со леснотија”, изјави тој пред новинарите во Белата куќа, најавувајќи куп тужби.

Трамп повторно го критикуваше гласањето по пошта. Повеќе телевизии по кратко време го прекинаа преносот во живо од обраќањето на Трамп во Белата куќа, како прва телевизиската мрежа ЕмЕсЕнБиСи, со образложение дека претседателот зборува невистини. Самиот Трамп ја напушти салата за прес-конференции по петнаестина минути, без да одговори на прашања на новинарите.

Кратко претходно Трамп на Твитер напиша: „Запрете го броењето гласови” и „Запрете ја измамата”. Социјалната мрежа Твитер пораките на претседателот ги маркираше со укажување дека се „спорни и можеби неточни”.

Повеќе политичари од Републиканската партија го критикуваа настапот на Трамп. „Нема никакви оправдувања за изјавите на претседателот, кои го поткопуваат нашиот демократски процес”, напиша на пример републиканскиот гувернер од Мериленд, Лери Хоган на Твитер. Тој е претседавач со Националното здружение на гувернери. Конгресменот Адам Кинцингер побара приложување докази за обвинувањата за изборна измама и нивно презентирање пред суд. „Престанете да ширите лажни информации…Ова полека станува лудо..” напиша тој на Твитер.

Во Филаделфија, сојузната држава Пенсилванија, во меѓувреме полицијата соопшти за спречен обид за упад во избирачки центар. По добиена информација за возило со вооружени луѓе кое од Вирџинија се движи кон Филаделфија, полицијата уапсила едно вооружено лице, други детали не се познати.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …